Skip to main content

Ќе се заменува столаријата во ОУ Христо Узунов

Покрај ова училиште уште неколку други објекти од општините во Југозападниот плански регион ќе добијат енергетска ефикасност. Исто така, ќе се прави и ГИС платформа за урбанистичката планска документaција и подземен катастар во сите 9 општини од регионот. Во тек е повикот за проектите за Програмата за локален регионален развој за ова година.

 |  Валентина Неловска  | 

За Југозападниот плански регион се доделени средства за два големи регионални проекти во висина од 44,3 милиони денари. Владата ги одобри за искористување овие средства, а општините веќе издвоиле и изготвиле приоритетни проекти. Во првата програма за енергетска ефикасност се доделени 27 милиони денари , а партнери се 6 општини со 7 објекти со кој ќе се менуваат столарија и изолaција на кровната конструкција, како и изведување на термофасада. Во општина Охрид од тој проект ќе се користат средства за замена на дотраената дограма на основно училиште, информира Мирјана Лозаноска, директор на Центарот за Југозападен плански регионален развој.

Најголем дел од објектите на кои ќе се интервенира се училишта. Во Охрид е Христо Узунов, каде што ќе се менува столаријата, па во основните училишта во Дебар и Кичево. Во Струга е втора фаза на реконструкција на градинката 8 ми Март и замена на столарија на општинската зграда.“

Во општина Вевчани, Домот на култура ќе добие термофасада, а по замена на столаријата и реконструкцијата на кровот од пред 3 години , објектот ќе добие целосна енергетска ефикасност. Во општина Дебрца ќе се реконструира Домот на Заедницата во објект кој ќе има намена Културно историски музеј во Требеништа“, информира Лозаноска. Покрај, програмата за енергетска ефикасност, Владата одобри и средства за втора програма за дигитализација на Урбанистичката планска документација и израбтока на подземен катастар во сите 9 општини од Југозападниот плански регион, кој ќе се работи во неколку фази.

Треба да се направи инвертаризација на подземна инфраструктура на водовод, канализација и .тн. Таму каде што има траси да се дигитализираат, а во руралните општини каде што нема да се детектираат мрежите со посебни инструменити и да се внесат дигитално. Постојната урбанистичка планска документација во хартиена форма која ја имаат општините ќе се дигитализира, ќе се прави ГИС платформа за сите документи. Ќе се олеснува работата на вработените во урбанистичките одделенија, но и на граѓаните и инвеститорите.

Без оглед на предвремените парламентарни избори нема законски пречки проектите да започнат да се реализираат. Наскоро ќе се потпишат договори со Бирото за развој, ќе се објават тендери па се очекува градежните работи да стартуваат за месец- два, со исклучок во училиштата каде што ќе се работи по завршување на школската година.