Skip to main content

Охридското семејство Хусоски живее во крајно субстандардни услови

Петто члено  семејство живее во една соба со  нивните три  малолетни деца од кои две се со сериозни здравствени потешкотии. Мајката Нермина, исто така  со нарушено здравје,  апелира заедницата да им помогне да имаат   кров над главата и нормални  услови за живот.

 |  Валентина Неловска  | 


Петто членото семејство Хусоски од Охрид живеат во крајно субстандардни услови. Потстанари се во една изнајмена соба за која плаќаат месечно 3000 денари кирија. Покрај тешките услови во кои живее ова семејство, две од трите малолетни деца имаат сериозни здравствени потешкоити. Парите кои ги заработува сопругот и детскиот додаток за трето дете кое го зема Нермина не им стасуваат за купување лекови и патни трошоци за лекување во скопските Клиники , вели младата мајка. 36 годишната Нермина Хусоска апелира да и помогне заедницата нејзините три деца да добијат нормални услови за живот. Досега два пати биле одбиени нивните барања за добивање на социјален стан, кажува Нермина.

Eве ги документите ме одбиваат зашто земам пари од социјално за трето дете. Земам ама во какви услови живеам ова не е живот. Бојлер немам, на плин топлам вода, дрвата ми се при крај, тука сушам алишта внатре, надвор не можам, немам двор. Немам услови да ми се дадат ќе плаќам ама ова не е начин, куче да врзиш тука нема да живее“, вели вознемирено Нермина.

Нермина Хусоска е задоволна од помошта која ја добиваат од ОО ЦК . Им помагаат со социјални пакети, хигиенски средства, купување лекови или покривање на патните трошоци за лекување на децата во Скопје и Битола. Се трудиме во рамките на нашите можности да помогнеме на сите социјално загрозени семејства вклучително и на Хусоски, вели секретарот Мимоза Ставрева.

„ Од наше име упатуваме апел до сите кои можат да помогнат на било каков начин да му се помогне и на ова семејство кое живее на работ на егзистенција“, порачува Ставрева.

Со нарушено здравје не се само децата туку и мајката која треба да се оперира. Страдаат и од хронични болести како резултат на лошите услови за живеење. Покрај, влагата која го напаѓа нивното здравје , родителите секојдневно се справуваат и со огромни стаорци кои ја запоседнале трошната куќа и се дополнителна закана за нивното здравје.