Skip to main content

4 години ИМПРОВОКАЦИЈА во Охрид

Утре се навршуваат четири години од првата изведба на театарската претстава „Импровокација“, проект на професионалните актери, Стрезо Стаматовски, Никола Тодороски и Филип Кипровски како главни протагонисти и Филип Ангеличин Жура како организатор.

 |   | 

Утре се навршуваат четири години од првата изведба на театарската претстава „Импровокација“, проект на професионалните актери, Стрезо Стаматовски, Никола Тодороски и Филип Кипровски како главни протагонисти и Филип Ангеличин Жура како организатор.

Идејата за оформување на оваа група во Охрид тлееше од многу поодамна во главите на Стаматовски и Тодороски, за да на 22.02.2016 година се случи првата претстава од така наречената „Импровокација“. Претставата се одржа во просторот под сцената на НУЦК „Григор Прличев“ во Охрид. Место кое што понатака, спонтано, се здобива со името „Керал сцена“ и се’ уште се користи од публиката. Подоцна кон екипата се приклучува и Никола Јосифоски на пијано и „Импровокација“ покрај театарска се надоградува и со музичка импровизација. До овој момент се изиграни 55 претстави пред повеќе од 4.500 гледачи како во нашата држава, така и надвор од неа, информираат од екипата.

„Импровокација“ е фузија од Канадските техники за „театарски спорт“ (Theatre sport) и Американските техники за театарска импровизација. Таа припаѓа во таканаречената „кратка форма“ (short form) на театарска импровизација во која што се играат не помалку од 12 различни „игри“ за 80-тина минути и тоа ја прави да е многу динамична и забавна. Дијалогот, мизансценот, каратерите и приказната, во нивната најчиста форма, се создаваат заеднички во мигот, пред очите на публиката без никакви предходни подготовки. Точно заради тоа секоја изведба на „Импровокација“ е премиерна и никогаш не може да се повтори уште еднаш. Ваквата форма на театар е комична, спонтана и интимна.

– Длабок поклон од екипата за публиката на „Импровокација“ за изминативе 4 години. Сакаме да ги прославуваме заедно и идните родендени. Повелете во сабота на 22.02.2020 година од 20:00 часот на „Керал“ сцената при НУЦК „Григор Прличев“ во Охрид заедно да го прославиме нашиот 4-ти роденден. Подароците се задолжителни. Телефонот за резервации на места е 075/283-066, додаваат актерите.