Skip to main content

Двајцата охриѓани заболени од корона вирус засега се на домашно лекување

Нивната состојба телефонски ја следат охридските инфектолози. ЈЗУ Општа болница-Охрид постапува по насоките и препораките од Министерство за здравство и доколку се јават лица заболени од Ковид 19 ќе бидат сместени на соодветно опремен простор на инфективното одделение.

 |  Валентина Неловска  | 

Двајцата охриѓани кај кои е потврдено постоењето на вирусот Ковид 19 се наоѓаат на домашно лекување. Тие засега се со лесна клиничка слика и не се сместени во болнички оддел при инфективното одделение, информираат од ЈЗУ Општа болница. Од Центарот за јавно здравје посочуваат дека инфектолозите од општа болница телефонски контактираат два пати во текот на денот со заболените и го следат текот на нивната здравствена состојба.
Славица Малеска Стојадиновиќ, директор на ЈЗУ Општа болница за ТВМ Телевизија информира дека нивната установа постапила по насоките и препораките од Министерство за здравство. Изготвиле насоки и препораки за постапување со сомнителни пациенти заболени од корона вирусот. Доколку се јават лица заболени од Ковид 19 со потешка клиничка слика тие ќе бидат сместени на инфективното одделение во кое е обезбеден простор и соодветна опрема за постапување. Обезбедени се заштитна опрема за лекарите и медицинските сестри. Во овие моменти болницата има доволно маски, ракавици и заштитни скафандери. Болницата располага и со две респираторни машини сместени во одделот за Анестезија и Реанимација. Од ЈЗУ Општа болница инфомираат дека болничката лабораторија нормално функционира.

Од утрово, пак пациентите кои треба да ги прават контролните прегледи за тромботестовите во охридската РЕ која работи во рамките на Институт за Трансфузиологија Скопје се преупатуваат во Служба за трансфузиона медицина во Завод за нефрологија Струга. Од таму пациентите добиваат информации дека се третираат само итните случаи, додека хроничните треба да продлжат со веќе препишаната терапија. Нашите обиди да воспоставиме контакт со Институот во Скопје и да дознаеме зошто охридската работна единица за трансфузиологија не работи останаа безуспешни.