Skip to main content

Охриѓани го почитуваат полицискиот час

Охриѓани го почитуваат ограничувањето на движењево периодот од 21.00 до 06.00 часот, кое на сила стапи од синоќа. Полициски службеници сношти вршеа мото-патроли низ градов. СВР Охрид непречено ги реализира и активностите кон лица што се ставени под мерки за самоизолација, здравствен надзор и домашна изолација.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Охриѓани го почитуваат полицискиот час. Oграничувањето на движењето на граѓаните во периодот од 21.00 до 06.00 часот кое на сила стапи од синоќа, не го прекршило ниту едно лице. Полициски службеници сношти вршеа мото-патроли на подрачјето на седум општини што ги покрива СВР Охрид, со цел доследно спроведување на мерките за ограничено движење за време на полицискиот час и заштита на граѓаните од ширење на коронавирус COVID-19.
Не се регистрирани собирања на граѓани на јавни места, нема нарушувања на јавниот ред и мир и нема регистрирани сообраќајни незгоди. Во Охрид е регистрирано едно казнено дело „тешка кражба“, извршена во 03.30 часот во маркет на ул.„7 Ноември“. Се преземаат мерки за реализација и пронаоѓање на сторителите, вели Стефан Димоски-портпарол на СВР Охрид.

Непречено се реализираат и активностите кон лица што се ставени под мерки за самоизолација, здравствен надзор и домашна изолација. Моментално, СВР Охрид, по основ на своерачно потпишана изјава за самоизолација и по мерката „здравствен надзор и домашна изолација“, врши контрола на вкупно 549 лица (Охрид-149, Струга 137, Кичево-99 и Дебар-164). Сите случаи на лица кои ги прекршуваат одредбите за задолжителна 14-дневна самоизолација, граѓаните можат да ги пријавуваат на бесплатниот телефонски број 08 0000 201 или на 192.
Упатуваме апел до граѓаните, строго да ја почитуваат одлука на Владата за забрана на движењето од 21.00 до 06.00 часот секој ден, како и дисциплинирано да се придржуваат до сите останати препорачани мерки и насоки во врска со спречувањето на ширењето на корона вирусот (COVID-19), а сите правни и физички лица строго да се придржуваат до насоките на полициските службеници, вели Димоски.
Во општините Дебар и Центар Жупа без проблеми се реализираат мерките за контрола при влез на патнички и други моторни возила, како и активностите за дотурот на храна, лекови, средства за лична хигиена и други потреби за граѓаните во двете општини.