Skip to main content

Кривична пријава заработи скопјанецот заболен од Ковид 19 кој го загрозил здравјето на вработени во охридски кабелски оператор

Лицето дошло во Охрид во самоизолација, но претходно побарало интернет и кабелски приклучок во својот стан. Од СВР Охрид тврдат дека по овој настан  лицето е строго контролирано и го почитува мерките за самоизолација.  

 |  Валентина Неловска  | 

44 годишен скопјанец заработи кривична пријава за загрозување на здравјето на вработените во охридски кабелски оператор. Лицето допатувало во Охрид со цел да се самоизолира во својот стан откако го дознал својот статус на инфициран со корона вирус. Но пред да се стави во самоизолација отишол да си обезбеди приклучок на интернет и телевизија без безбедносна заштита, односно маска и нараквици, информира Стефан Димоски од СВР Охрид.

„Кривичната пријава е поднесена во моментот кога е констатирано дека тој излегол од неговиот стан во Охрид и се упатил кај кабелскиот оператор. По овие основи е поднесена кривична пријава по член 206 од кривичниот законик за непостапување по здравствени прописи за време на епидемија. Од тој ден понатаму е под строга контрола и се придржува до одредбите за изолација“, информира Стефан Димоски.

Допатувал во Охрид со сопствено возило, претходно се снабдил со намирници за да помине подолг временски период во својот стан во Охрид.

„Се работи за станбен објект кој е слабо населен и нема многу жители од градот. Но, независно од тоа следниот ден по доѓањето во Охрид ова лице нема остварено контакт со граѓани од Охрид“, подвлекува Димоски.

Лицето кое заработи кривична пријава е секојдневно  под контрола на службите од центарот за јавно здравје, здравствениот и санитарен инспекторат и полициските службеници од СВР Охрид , информира Стефан Димоски.