Skip to main content

Започна уривањето на нелегалниот бетонски ѕид кај Градиште

Утрово започна уривањето на бетонскиот ѕид  кој беше изграден на брегот на езерото во близина на кампот Градиште. Багери го отстрануваа таканареченото парапетче кое предизвика бурни реакции кај охриѓани.

 |   | 

Денеска со градежна механизација започна уривањето на парапетчето на брегот на Охридското езеро во близина на автокампот Градиште.  Градоначалникот Константин Георгиески сподели фотографии на социјалните мрежи од активностите за уривање.

„Градежен, комунален инспектор и инспектор за животна средина, утрово, извршија увид по што беше констатирано дека изведувачот нема постапено согласно издаденото решение за отстранување. Согласно тоа, денес, започнаа активностите за отстранување на нелегално изградениот ѕид.“ – напиша Градоначалникот Константин Георгиески на фејсбук.

Инвеститорот пак, утрово во телефонски разговор за ТВМ кратко кажа дека багерите се ангажирани и дивоградбата ќе ја отстранува сам согласно решението.
На терен, прва пристигнала механизацијата од ЈП „Нискоградба“ по налог на општината за потоа инвеститорот да ангажира приватна фирма за рушење.

Инаку, ѕидот кој без дозвола се градел на самиот брег, непосредно  пред угостителски објект, предизвика бурни реакции од страна на граѓаните, екологистите и медиумите. Во време кога статусот на Охрид под УНЕСКО е загрозен , место да се уриваат дивоградби, никнуваат нови, коментираа граѓаните на социјалните мрежи каде викендов осамнаа фотографии од нелегалната градба.

Градоначалникот и тогаш се огласи преку социјалните мрежи  со објаснување дека локалната  не издала одобрение за градење.
Увид во нелегалните активности  општинските инспектори првично направиле на 24ти март по што било донесено решение за отстранување со кое на изведувачот му бил даден законскиот рок сам да ја отстрани дивоградбата, дообјасни Георгиески.

150 семејства од Пештани кои 20 години водат управни постапки за денационализација на имотите кои се наоѓат во атарот на автокампот Градиште  уште на 13ти март  пријавиле во општинскиот инспекторат дека се гради ѕидот.

„Се обративме до инспекторат, животна средина и до Едмонд Адеми , претседател на   националната комисија за УНЕСКО. Адеми реагираше одма. Се јави кај градоначалникот да преземе активности. Градоначалникот му потврдил дека пуштил двајца инспектори да ја спречат таа работа … а сеуште не е спречена.“ – вели Ѓорѓи Танески – ЗГ на сопственици на имоти во АК Градиште  во постапка за денационализација.

Тие реагираат дека со години наназад незаконски се гради, доградува, поплочува и во кампот покрај приколки има и објекти од цврста градба.   Бараат градежниот инспекторат да ги спречи и отстрани дивоградбите од нивните имоти кој е во процес на денационализација.

„Последниве 15 години се појавуваат закупци Екстра Скопско 5 години, Два бисери уште 5 години, сега има некоја нова фирма КМК Нова трејд од Охрид , управител Крсте Велјаноски, така што овие активности се одвиваат цела зима и сега продолжуваат , иако градежен инспекторат има издадено решенија за рушење тука продолжува да се гради. – кажува  Танески.

Инаку, Државната комисија за спречување корупција откако утврдила дека локалните власти не можат да се справат сами со дивоградбите, ќе побара од Владата да ги преземе  ингеренциите на  општините Охрид и Струга и таа да ги урива дивоградбите, соопшти минатата недела претседателката на антикорупциска Билјана Ивановска.