Skip to main content

Започна асфалтирањето на тротоарите на улицата 15-ти Корпус

За реконструкција на улицата се обезбедени  пари од  владата и  од буџетот на општината. Покрај овој капитален инфраструктурен проект се одвива уште еден обемен  зафат на Абас Емин и  поправки  на повеќе улици во градот и населените места. 

 |  Валентина Неловска  | 

Почна да се поставува асфалт на дел од тротоарите на улицата 15-ти Корпус која е со должина на трасата од 2 км. За реконструкција на сообраќајницата која е северен влез на градот се обезбедени 58 милиони денари средства од владата и од општинскиот буџет. Преку ЈП Државни патишта за реконструкција на коловозот се обезбедени 28 милиони денари, а другиот дел се средства од буџетот на општината, напомeнува охридскиoт градоначaлник Константин Георгиески.

„Тротоарите кои ги асфалтираме , поставувањето на новото осветлување и поставувањето на атмосферската канализација се од буџетот на општината во износ од 30 милиони денари “, информира Георгиески за градежниот зафат.

Првата фаза од градежните зафати на 15 ти Корпус ќе бидат завршени до крај на месец јуни, а целосно работите треба да завршат до крајот на годината, вели градоначалникот. Посочи дека покрај овој капитален инфраструктурен проект се одвива уште еден обемен зафат на улицата Абас Емин тежок околу 50 милини денари со рок на финализација од 13 месеци. Финансиските средства, исто така се обезбедени од општинскиот буџет, но во голем дел се средства и од владата насочени во капитални проекти за Охрид, кажа градоначалникот Георгиески.

„Сите средства се директна инвестиција во доброто на Охрид, стопанството, општината, во нејзиното раздолжување , тоа се повеќе од 1,5 милјарда денари помош во изминативе 3 години. Ние како општина ќе работиме на крупни проекти кои се од капитално значење и кои долги години не се изведувале“.

Со проектот на 15 ти Корпус се менува ликот на градот, а ќе придонесе за развој на туризмот и за подобар живот и комуникација на граѓаните, како и за следните инвестиции во градот. Градоначалникот Георгиески го најави идниот проект за изградба на игралиште за баскет заедно со Агенцијата за млади и спорт во износ од 3,5 милиони денари.