Skip to main content

Ништо од рушењето на парапетчето во Градиште

Уривање на ѕидот во автокампот „Градиште“ само за фотографирање и снимање. По срушени само 5-6 метри отстранувањето на нелегалниот бетонски ѕид на самиот брег на езерото престана , обвинуваат Пештанци. Околу 150 семејства кои имаат имоти во Градиште во постапка за денационализација обвинуваат дека на оваа атрактивна локација се врши невидена узурпација која надлежните не ја стопираат.

 |   | 

После 11 дена од отпочнувањето на активностите на локалната за отстранување на нелегалниот бетонски ѕид во Градиште, срушени само 5-6 метри од фамозното парапетче. Друг ѕид од 200 метри остана недопрен , обвинија денеска од здружение на граѓани  “ Оревче “.  Бараат надлежните итно, повторно да реагираат и дивоградбата целосно да биде отстранета.

„Сеуште немаме ништо, чекаме разврска. Ветено ни е и бараме да прекинат сите активности. Бараме да се руши и ресторанот којшто е дивоградба пред една и пол година и воедно бараме да се прекине со стопанисување со авто кампот Градиште. Јасен е законот за денационализација. Се додека не се решат нашите барања за денационализација на 150 семејства од Пештани, да се стопираат градбите и работењето со авто кампот. “ – Ѓорѓи Танески, претседател на здружение на граѓани “Оревче“

Парапетчето кое се актуелизира деновиве е само врв на ледениот брег од узурпацијата која се прави на една од најатрактивна локации на Охридското Езеро. На земјиште кое е во постапка за денационализација постојано нелегално се гради.  Додека ние 20 години водиме управни спорови , на нашето земјиште некој прави профит од што државата нема ништо, велат членовите на здружението на граѓани сопственици на имоти во АК Градиште во постапка за денационализација.

„ При самото доаѓање тука добивме и закани од еден од нелегалните сопственици кои стопанисуваат  со нашиот имот. Нека ни објаснат надлежните зошто досега нема ниту една кривична пријава, затоа што овде се е нелегално. Местово каде што давам изјава е нелегално изграден ресторан , има доста објекти  од цврста градба низ кампот  кои се исто нелегални и да е апсурдот поголем ние тука плаќаме за користење на плажава години наназад. – Томислав Танески, член на Оревче.

На локалниот градежен инспекторат му беа потребни скоро два месеци од  носењето на решението за отстранување до 18 мај кога под притисок на јавноста повторно направи увид и започна уривањето на бесправно изградениот ѕид на самиот брег на Охридското езеро. Пештанци сега бараат итно да се урне дивоградбата или најавуваат блокада на патот Охрид – Свети Наум и нема да дозволат влез во Градиште.