Skip to main content

20-тина избирачки места во Охрид не ги исполнуваат условите за безбедно гласање

Тие гласачки места ќе бидат преместени во најблиските училишни згради. Во моментов тече увидот на состојбата на избирачките места од страна на  Државната изборна комисија од поддрачното одделение на избирачките места во Охрид и Дебрца. 

 |  Валентина Неловска  | 

Ќе има преместување на избирачки места во петтата изборна единица во Охрид за гласањето на претстојните предвремени парламентарни избори. Од 89 гласачки места досега се констатирало дека 20-тина избирачки места во Охрид не ги исполнуваат условите според протоколите за безбедно гласање на избирачите. Ова го покажал досегашен увид на состојбата на избирачките места направен од страна на Државната изборна комисија од подрачното одделение на избирачките места во Охрид и Дебрца. Во општина Дебрца од увидот на 28 -те избирачки места се констатирало дека се безбедни за гласање и нема да има промени, информира Марга Димковска, раководител на поддрачното одделение на Државната изборна комисија.

Станува збор за избирачки места кои се отворале во објекти на поранешни задружни домови и има помал број на гласачи.
Комисијата за заразни болести во детали опишала како треба да изгледа избирачкиот ден и што се им е потребно на избирачките одбори за да се заштитат на 15-ти јули. Oд предавање на гласачки материјал до начин на проветрување, дезинфекција и корпи за отпадоци со црни кеси. Во протоколот на Комисијата за заразни болести се дадени инструкции за безбедно гласање и се испратени до ДИК. Меѓу протоколите се препорачува местата за гласање да бидат пространи, а прозорците постојано отворени. Членовите на комисијата на терен деновиве утврдуваат дали во сите избирачки места има вакви услови.

Марга Димковска, раководител на поддрачното одделение на Државната изборна комисија, информира дека промени ќе има на Избирачко место 1251 кое се наоѓа во објектот за наплата на Водовод и ќе биде префрлено во ОУ Св. Климент Охридски.
Избирачите кои вообичаено гласале на избирачките места 1261 и 1262 во објектот на Сизот за становање сега ќе гласаат во ОУ Григор Прличев.
Гласачкото место 1276 , на улица Јане Сандански во Шумското претпријатие Галичица, ќе биде префрлено во гимназијата Св. Климент Охридски.
Избирачките места 1269 и 1272 каде се гласаше во објектите на ЈЗУ Општа болница сега ќе бидат преместени во ОУ Христо Узунов.
Ова се само дел од познатите измени, а обиколката на Државната изборна комисија на поддрачното одделение е во тек и ќе трае до крајот на оваа недела. Конечните измени ќе бидат познати од понеделник.
Протоколот со потпис на претседателот на Комисијата Жарко Караџовски е на барањето на сите членови на ДИК, во детали да добијат насоки за избирачките денови. Државната изборна комисија ќе подготви упатства за една недела и ќе ги презентира на сите кои се вклучени во изборниот процес.