Skip to main content

Патниците три часа порано треба да пристигнуваат на аеродромите

Да се носат заштитни маски, да одржуваат физичко растојание и висок степен на лична хигиена. Ова се само мал дел од  новите правила за патување, кои се воведуваат на аеродромите со цел спречување на влез и ширење на Ковид 19. Од први јули  Меѓународниот аеродром Скопје и аеродромот Свети Апостол Павле Охрид ќе се отворат за патнички летови за што интензивно се подготвувале следејќи и искуства од странство со цел безбедни аеродромски услуги.

 |  Валентина Неловска  | 

Од први јули се воведуваат нови правила со цел да се запре ширењето на КОВИД-19 на Меѓународниот аеродром Скопје и аеродромот Свети Апостол Павле Охрид, информираат од ТАВ Македонија. Интензивно се подготвувале за повторно отворање на двата аеродроми. Во меѓувреме, ги следеле практиките од останатите аеродроми во светот. Нивната цел е да овозможат соодветна хигиенско и здравствена заштита на патниците, персоналот и партнерите, по нивното затворање на 19 и на 16 март годинава како дел од мерките за спречување на влез и ширење на КОВИД-19.

Меѓу правилата кои се воведуваат се патниците да пристигнуваат на аеродромот најмалку три часа пред нивниот лет. Мора да носат заштитна маска постојано, да одржуваат физичко растојание и висок степен на лична хигиена, а во аеродромската зграда ќе можат да влезат само лицата кои патуваат. При заминување на патниците од Меѓународниот аеродром во Скопје пред влегување секој патник ќе треба да ја покаже авионската карта (печатена или на телефон), да помине преку патосница за дезинфекција на чевлите, а потоа и да ги дезинфицира рацете на безконтактните диспанзери за дезинфекција на раце, поставени на самиот влез од зградата. Ќе се дезинфицираат обувките и рацете, а на сите патници на влезовите во терминалните згради на двата аеродроми, ќе им биде проверувана телесната температура, со термални камери. Не е дозволено седење еден до друг на седиштата во чекалните на аеродромот за што посебно ќе бидат обележени.

Како што велат од ТАВ Македонија, информативни знаци во вид на банери, налепници и билборди се поставени насекаде низ аеродромите, со цел да ги потсетуваат патниците да држат физичко растојание, да одржуваат висок степен на лична хигиена и да избегнуваат допирање на површините.
При примената на правилата се следеле препораките на Министерството за здравство, Светската здравствена организација (WHO), како и европските и меѓународните агенции и организации за авиосообраќај.