Skip to main content

Пецаков: Нов Закон за спорт и унапредувањето на спортската инфраструктура


Нов Закон за спорт, а истовремено измена и дополнување на Законот за локална самоуправа, во насока на зголемување на надлежностите на општините во областа на спортот. На ова се обврзува ВМРО ДПМНЕ во изборната програма. Развојот на спортот и унапредувањето на спортската инфраструктура , тема на денешната прес конференција на Кирил Пецаков, кандидат за пратеник од ВМРО ДПМНЕ и Коалицијата Обнова на Македонија.

 |   | 



Во проектот Обнова на Македонија, ВМРО ДПМНЕ се обврзува на измена и дополнување, а потоа и носење на комплетно нов Закон за спорт, а истовремено измена и дополнување на Законот за локална самоуправа, во насока на зголемување на надлежностите на општините во областа на спортот. Ова на денешната прес конференција го посочи, кандидатот за пратеник од ВМРО ДПМНЕ и Коалицијата, Кирил Пецаков.

 „Мерка „Спортски денар”,  одвојување на 1 денар од акцизата на нафтените деривати во малопродажбата за развој на спортот, спортската инфраструктура и науката во спортот. Изградба на Национален центар за спорт и бази за спортски подготовки. Нови сместувачки капацитети за ученици и студенти од областа на спортот. ВМРО-ДПМНЕ пред граѓаните се обврзува за унапредување на училишниот и универзитетскиот спорт.“ – кажа Пецаков.

За развој на училишниот и универзитетскиот спорт во програмата обнова се предвидени проекти за поквалитетни часови по физичко образование; реконструкција на објектите и обезбедување реквизити; усовршување на наставниот кадар; унапредување на системот на натпреварување и финансиска поддршка. Остварувањето врвни резултати ќе го поттикнеме преку подобрување на мерката за ослободување на дел од данокот на добивка на приватните компании, кажа Пецаков.

„Квалитетот и унапредувањето на спортската инфраструктура би се одвивал со посебна цел – секоја општина да има своја спортска сала, а секое училиште услови за реализација на спортски активности. Конкретните проекти опфаќаат: Реконструкција на постоечките спортски објекти, нивно надградување до определени стандарди; Изградба на затворени спортски сали, спортски игралишта, отворени кошаркарски игралишта, повеќенаменски игралишта и атлетски патеки; Изградба на повеќе мини базени во рамките на постоечките објекти и училишта. Ќе се залагаме за развој на водените спортови во Охрид.“ – истакна Пецаков.

Пецаков напомена дека ќе се работи на воспоставување на современа спортска медицина и унапредувањето на здравствената заштита во областа на спортот.