Skip to main content

Георгиески: Законот ќе важи за сите и покрај сите притисоци во справување со дивоградбите на крајбрежјето

Продолжува без селективност да се воспоствува ред со дивоградбите на крајбрежјето. Законот ќе важи за сите и покрај  притисоците  кои градоначалникот вели дека му се вршат лично нему при справување со дивоградбите.  Нема отстапување од приоритетот за зачувување на статусот на Унеско на Охрид и Езерото, рече Георгиески, а на струшкиот градоначалник му порача да го почитува законот.  

 |  Валентина Неловска  | 

 Никој да нема илузија дека нема да го стигне законот дека со било какви притисоци ќе биде поштеден од процесот на постапување со дивоградбите. Процесот ќе трае до расчистување на последниот бесправно изграден објект, порача охридскиот градоначалник Константин Георгиески. Постапуваме со одстранување на објекти кои се опасност за регионот и се во спротивност со режимот за заштита под Унеско во зависност од тоа каде имаме правосилни решенија. Нема да има селективност и мора да се врати владеењето на правото и законот. Законот ќе важи за сите и покрај личните и политичките притисоци кои градоначалникот вели дека му се вршат при справување со дивоградбите.

„Луѓето се обидуваат на најразлични начини да ја избегнат правдата и законот, користејќи политички притисоци , лични, секакви, но тоа нема да успее затоа што законот е на наша страна“.

Додека општина Охрид ги спроведува препораките на Унеско, на струшкиот дел , Рамиз Мерко не презема мерки за справување со дивоградбите на крајбрежјето. Неговите поранешни изјави беа Охрид да си го гледа својот двор и да не се меша на струшкото крајбрежје. Заштитата на Охридското езеро под Унеско е обврска на двете општини, па Георгиески му порача на Мерко.

„Постапувањето не е право на избор тоа е обврска на секој јавен функционер.Треба да постапи за тоа што е избран , а тоа е да го почитува Законот. Ние си го гледаме својот двор и си постапуваме, го повикувам да се држи до законот“.

Ние конечно започнавме да средуваме долгогодишен проблем и да надминуваме состојби кои Охрид и Езерото не ги заслужуваат. Со години не функционирал еден цел систем и затоа имаме денес ваква состојба. Тоа се постапки кои повеќе нема да се повторуваат и на сите мора да им стане јасно дека таков вид на урбанизација на крајбрежјето нема повеќе да има, кажа охридскиот градоначалник Константин Георгиески.