Skip to main content

Жителите на Абас Емин се жалат дека реконструкцијата на улицата се одвива пребавно

Жителите на Абас Емин и сопствениците на бизниси на таа улица реагираат на според нив бавното темпо со кое се одвиваат градежните зафати за реконструкција на оваа значајна и прометна сообраќајница. Тие доставија петиција до општината со која бараат интензивирање на работите и да се  преземе нешто  во поглед на возилата кои транзитираат и паркираат и покрај тоа што улицата е раскопана.

 

 |   | 

Жителите и сопствениците на стопански објекти на улицата „Абас Емин“ до Општина Охрид и градскиот совет доставија петиција за бавното одвивање на градежните зафати на улицата.
Тие посочуваат дека се задоволни што после долги години и по многуте најави и ветувања, конечно започна реконструкцијата на оваа значајна сообраќајница во Охрид, но сепак велат дека на терен има застој или работите се одвиваат пребавно.

Свесни се, велат,  дека е потребна трпеливост и соработка но бараат разбирање и од градските власти дека улицата е во хаос кој предолго трае и бараат да се преземе нешто барем во поглед на возилата и прашината која се создава и ја дишат секојдневно.

„Сите жители на нашата улица која го носи името на охридскиот народен херој Абас Емин, секојдневно страдаат од настанатиот градежен хаос и застој на работните зафати. Страдаат дишните органи, детските колички, старечките бастуни. Растурената улица, камењата и прашината не потсетуваат на некои минати векови на примитивно живеење. Не смееме да ги заборавиме и бизнисите кои трпат од моменталната состојба на улицата, која веќе три и повеќе месеци е во ваква очајна состојба.“ – стои во дописот до ТВМ.

Жителите бараат да се реши проблемот со паркирањето на возилата и градежната механизација на овој проестор. Бараат интензивирање на градежните зафати без да трпи  квалитетот на изработеното.  А во меѓувреме, во овие летни денови со високи температури бараат од општината санирање на проблемот со прашината, со забрана за транзитирање низ улицата и доколку е возможно неколкукратно прскање со вода.

Од локалната самоуправа информираат дека во тек се работи на изведба и реконструкција на фекалната, атмосферската и водоводната мрежа на улицата, на потегот од крстосницата со булевар „Туристичка“ до крстосницата со улицата „Македонски Просветители“. Оваа фаза од реконструкцијата се релизира преку Министерството за транспорт и врски и со средства од Европската банка за обнова и развој.

„Министерството за транспорт и врски според сите законски регулативи ја има избрано фирмата „Бокоп“, Боровец за изведување на градежните активности. Се работи за сложени инфраструктурни зафати, а динамиката за одвивање на градежните активности е однапред утврдена. Избраната фирма прво работи на поставување на главната линија од подземната инфраструктура, по што следуваат активности за спроведување на нови приклучоци, кои ги изведуваат општинските јавни претпријатија „Водовод“ и „Нискоградба“, велат од општината.
Оттаму апелираат до жителите на улицата „Абас Емин“ за поголемо разбирање и поддршка во текот на изведување на сите предвидени градежни активности за реконструкција на улицата. Реконструкцијата на улицата „Абас Емин“ започна  кон средината на април.