Skip to main content

Се планира доизградба на колекторскиот систем на струшкото крајбрежје

Зафатите ќе се со средства од Европската унија. Охридската ЛС треба да изгради пречистителни станици во Трпејца и Љубаништа за делот од  охридското крајбрежје каде што не можно да се поврзе колекторскиот систем. 

 |  Валентина Неловска  | 

Се планира доизградба на колекторскиот систем на струшкото крајбрежје на Охридското езеро. Од идната година би требало да се изградат уште 2,5 км колекторски систем на потегот од Елен Камен до Радожда, информира Владимир Алексијоски, директор на ДЈП Колектор. Предвидено е зафатите да се реализираат со средства од Ипард 3 фондовите на Европската унија. Со проектот кој  тежи околу 9 милиони евра треба да се направи целосна реконструкција на пречистителната станица во Враништа и да се доизгради колекторскиот систем на овој потег, посочува Алексијоски за идните планови на ДЈП Колектор.

„Планирано е со фондовите од ИПАРД 3 да се сработи и ова во 2021 година. Имаме разбирање, а имавме и видео конференција на која имаше и претставник од канцеларијата на Европската унија, тие имаат интерес повторно да се активира и финансира тој проектот. Сигурен сум дека во половината од 2021 година би стартувал тој проект“.

Охридската локална самоуправа, пак ќе треба да го решава пречистувањето на отпадните води за делот од охридското крајбрежје кој не е поврзан на колекторскиот систем. Решение се гледа во изградба на пречистителни станици во Трпејца и Љубаништа. Не е можно изградба на колекторски систем на потегот од Пештани до Љубаништа заради географската конфигурација на теренот, напоменува Алексијоски.

„ЛС од Охрид веќе има поднесено барање до словенечката влада која што обезбедува до 50 посто од средствата. Мислам дека имаат аплицирано по однос на техничката документација и мислам дека е прифатена од словенечката влада. Но, за повеќе информации од локалната самоуправа“.

Висината на проектот за пречистителните станици во Љубаништа и Трпејца ќе зависи од капацитетот на станиците кои ќе се постават бидејќи тука во лето покрај постојаните жители во пораст е бројот на туристи. Претходно за овие две туристички населби треба да се изработи секундарна канализација.       Во Трпејца е започната, а треба да се гради и во Љубаништа, укажува Алексијоски.