Skip to main content

Платежни картички за 100 самохрани семејства и 2837 охриѓани кои не бараат работа

Сега се опфатени 100-на охридски самохрани родители и 2837 невработени охриѓани кои не бараат работа со новата владина мерка. Ќе добијат платежна картичка во износ од 6000 денари. За 500 туристички агенции ќе бидат обезбедени грантови во вредност до 1,9 милион евра.

 |  Валентина Неловска  | 

Усвоен четвртиот пакет економски мерки тежок 470 милиони евра, а со кој Владата продолжува да им помога на граѓаните, вработените и стопанството да се надминат последиците од кризата предизвикана од ковид-19. Меѓу, позначајните мерки кои се 31 на број, е и мерката платежни картички за поголема потрошувачка и за развој на домашните економските дејности. Оваа мерка ќе изнесува 27,2 милиони евра, а со неа ќе бидат опфатени над 280 илјади граѓани кои не беа опфатени во првите 3 сета економски мерки. Платежни картички со износ од 6000 денари ќе добијат 5.726 самохрани родители, пензионери со пензии до 15 илјади денари, студентите, филмските работници, пасивни баратели на работа.

Меѓу 5762 самохрани родители се и 100 охридски самохрани родители, активни корисници на помош за семејна заштита и семејно насилство, кои се на евиденција во охридскиот Центар за социјални работи. За мерката пак, пасивни баратели, на евиденцијата на Агенцијата за вработување се регистрирани и 2837 невработени охриѓани кои не бараат работа, а на секои 6 месеци се должни да се пријавуваат во евиденцијата на центарот за вработување.
Со мерките продолжува и понатка финансиската поддршка на компаниите за исплата на плати за последните три месеци од годинава, во зависност од степенот на погоденоста на фирмите од ковид-19. Исплатата на платите за последниот квартал од годинава ќе се движи од 14.500 денари поддршка, па се до 21.776 денари. Оваа мерка ќе важи за компании, самостојни вршители на дејност, како и земјоделската и занаетчиската дејност и за лица што вршат други услуги.
Се зголемува грејс-периодот за бескаматните кредити од ковид. Сто милиони евра поволни кредити од Развојната банка за поддршка на домашните компании, кои ќе бидат пласирани преку деловните банки.
Поддршка на платите за последниот квартал ќе има и за 150 туристички водичи и оваа мерка ќе чини 160 илјади евра. За туристичкиот сектор е донесена мерка за поврат на туристичката такса за 2019 година за 4.740 хотелиерски субјекти во вредност од 2 милиони евра.
За 500 туристички агенции ќе бидат обезбедени грантови во вредност до 1,9 милион евра, а тие ќе се распределуваат во зависност од бројот на вработени и во зависност од тоа дали туристичките агенции се носители на А или Б-лиценца.
Се укинуваат парафискалните давачки за компаниите како давачки, надоместоци, лиценци и друго.
Грантови ќе добијат и рестораните за свадби, односно мерката ќе имаат право да ја користат сите регистрирани и лиценцирани субјекти во оваа дејност. Мерката ќе изнесува еден милион евра, а грантовите ќе се доделуваат во висина од 3 илјади до 10 илјади евра во зависност од остварениот промет во 2019 година.     4-от пакет мерки, заедно со претходните три пакети помош, надминува 1 милијарда евра средства насочени кон граѓаните, работниците и кон стопанството, со намера да се одржи стабилна економијата и потенцијал за ревитализација на стопанството.