Skip to main content

Охридскиот кризен штаб ќе заседава on line

Охрид  неколку дена со двоцифрен број инфицирани со корона вирус. После подолг стабилен период, состојбата со ширењето на вирусот станува сериозна. Од викендов првиот човек на градот е во изолација поради случај на Ковид во  семејството. Општинскиот кризен штаб по три месеци од последниот состанок, најверојатно ќе заседава он лајн.

 |   | 



Се влошува епидемиолошката состојба во Охрид. Градот кој подолго време одолеваше на ширењето на вирусот изминативе неколку дена бележи драстичен скок во бројките во извештаите од Министерството за здравство. Само за една недела во Охрид има 94 новоинфицирани со вирусот Сарс Ков 2. Вкупниот број на активни случаи е 167. Од Центарот за јавно здравје велат дека дел од новите случаи деновиве се од познатите кластери, маркети, фабрики, институции  но дел се изолирани случаи.

Општинскиот кризен штаб се нема состанато од 29ти јули кога се координираа активностите на општината и надлежните инспекциски органи во текот на туристичката сезона. Кога ќе се состане повторно, од локалната немаат конкретен одговор.

„Во врска со проценката на моменталната состојба во Охрид и новите планови за превенција, за денес беше закажан нов состанок на општинскиот кризен штаб. Но поради тоа што градоначалникот Константин Георгиески, кој раководи со кризниот штаб е во домашна изолација, состанокот ќе биде одржан онлајн во текот на наредните денови.“ – велат од локалната самоуправа.

Градоначалникот Георгиески во саботата на службениот профил на Фејсбук објави дека неговите родители се позитивни на Ковид 19 со лесна клиничка слика, а согласно здравствени протоколи  тој и  неговото семејство  ќе бидат во изолација. Градоначалникот упати  апел до сите граѓани да бидат внимателни и максимално да ги почитуваат мерките за заштита.