Skip to main content

Казнето лицето кое беше идентификувано како растовара ѓубре во националниот парк Галичица


Ова е завршница од документираниот случај кој го решија комуналните  инспектори. Локалната самоуправа најави поставување видео надзор за да се справува со несовесните граѓани кои  скоро  секојдневно прават мини депонии  во разни делови од градот и околината. 

 |  Валентина Неловска  | 

Изречена парична казна за лицето кое направи мини депонија растоварајќи го ѓубрето од својата викендичка на патот кон Велестово. Лицето беше фотографирано од случаен минувач кој го затекнал како се ослободува од домашниот отпад на недозволена локација во рамките на НП Галичица. Фотографиите беа доставени до ЈП „Охридски Комуналец“, а потоа и до општинскиот инспекторат и СВР Охрид.

„Идентификувано е лицето кое го оставило шутот во НП Галичица.Направен е записник на лице место , записник со сторителот и е издадено решение и налог за глоба. Целосно е завршена целата постапака. Можам да кажам дека сторителот не е охриѓанец туку е скопјанец, жител на Скопје“.

Изречена е најниската глоба во висина од 3700 денари колку што предвидува законот за вакви случаи, информира општинскиот портпарол. Напоменува дека казните се најмалку посакувани методи за справување со ваквите случаи, но мора да се почитува Законот за јавна чистота,  а прекршителите да се санкционираат. Апелира граѓаните да имаат повисока еколошка совест кон животната средина.

Инспекторите и друг пат издале решенија и записници. Можеби не како во овој случај со целосно документирање, идентификување и наоѓање на сторителот, но најважно е граѓаните да разберат дека не треба вака да постапуваат“.

Ова е прв случај кој заврши со изрекување на парична казна за познат сторител бидејќи досега сите пријави кои ги пишуваа комуналните инспектори беа најчесто против непознати сторители. Надлежните тврдат дека справувањето со одлагањето шут и отпад од домаќинставата на јавни површини во градот и околината е многу тешко поради неможноста да се откријат сторителите, но сличната соработка со граѓаните, како во овој случај, може да вроди со плод во иднина. Неодамна, од Локалната самоуправа најавија поставување видео надзор на повеќе делови во градот за да се откриваат несовесните граѓани кои создаваат мини депонии.