Skip to main content

Откриени струшки диви превoзници кои превезуваат патници во соседна Албанија

Контролите на сообраќајните инспектори покажале дека охридските таксисти ги почитуваат сообраќајните прописи и протоколи. Тоа не е случај со струшките таксисти.

 |  Валентина Неловска  | 

Охридските инспектори по сообраќај при контроли на такси превзониците на охридскиот аеродром откриле голем број струшки нелегални такси превозници. Таксистите од соседниот град биле затекнати како превезуваат патници без соодветна лиценца за такси дејност, информира Томе Џамтоски, портпарол на Општина Охрид.

„Во однос на контролите кои се правени на аеродромот во Охрид, а за кој имаме надлежност во договор со општина Дебрца, забележливо е дека такси превозниците од Охрид имаат многу мал број на прекршоци, за разлика од такси превозниците од Струга кои превезуваат патници од аеродром до соседна Албанија. Немаат лиценца, возат без таксиметар и се диви превозници“.

Охридските таксисти пак, покажале поголема дисциплина во почитување на сообраќајните прописи и протоколите за заштита од корона вирусот. Носеле заштитни маски и имале дезинфицирани возила. Инспекторите покренале 70 прекршочни постапки пред надлежните органи како што се пред Основен суд или Комисијата од Министерството за транспорт и врски.

„Во однос на овие 70 прекршочни постапки во најголем број случаи кои се поведени се однесуваат за не вклучување таксиметар и не поседување лиценца“.

Во изминатиов период на такси превозниците им биле изречени 20 решенија за одстранување на неправилностите. Во најголем дел тоа се однесувало на бојата на такси возилата која треба да биде според одлуката на општина Охрид.