Skip to main content

Во Охрид сеуште нема брзи тестови за Ковид 19

Тестовите доцнат затоа што е под клуч Биохемиската лабораторија при Здравствен дом. Дел од вработените се ковид позитивни, а дел во изолација па установата не може да испрати двајца лаборанти на обука во Скопје.

 |  Валентина Неловска  | 


Брзите тестови за тестирање на ковид 19 сеуште ги нема во Охрид. Од охридскиот Здравствен  дом Маларична, каде што требаше да се спроведува тестирање со брзи тестови, информираат дека тестови нема  затоа што не биле во можност да испратат двајца лаборанти на обука во Скопје. Кажуваат дека лабораторијата не работи скоро 2 недели бидејќи дел од  вработените се позитивни на ковид 19 или се во изолација. Понудиле да испратат на обуките  две медицински  сестри, но според протоколите за обуките  на медицскиот  кадар се предвидени исклучиво лаборанти.

Отворање на лабораторијата при охридскиот здравствен дом се очекува од понеделник и веднаш штом се  нормализира работата ќе биде испратен  потребниот кадар на обука за земање брисеви со брзите тестови, информираат од  Здравстен дом.

Потоа ќе следува и диструбуцијата на брзите тестови и во Охрид. Во однос за закажувањето, брз тест може да закаже единствено матичен лекар и тоа доколку пациентот го исполнува алгоритмот од Светската здравствена организација.  Тестирањето со брзите антигенски тестови е бесплатно за граѓаните.

Досега, тестирање со брзи антигенски тестови се врши во 9 градови во државава. 13те илјади брзи тестови државата ги доби како донација на почетокот на месецот. Од нив скоро 1/3 веќе се потрошени.