Skip to main content

Граѓаните од двата крајезерски града ќе почекаат да пливаат во затворените градски базени

 Во Охрид, избраната  фирма намерно го пролонгира рокот за завршување на  базенот.  Иведувачот во Струга, пак не можел да ја испорача презмената обврска во поглед на изведбата на градежните работи. Се подготвува реобјавување нов тендер кон крајот на овој месец.

 |  Валентина Неловска  | 

Споро се одвива изградбата на затворениот пливачки базен во Охрид и реконструкцијата на струшкиот. Срaботени се само 45 одсто од надворешниот дел на градежните работи на охридскиот објект, и на струшкиот се изведени само ископи на долниот дел од базенот, информира Наумче Мојсоски , директор на Агенцијата за млади и спорт, кој од пред два месеци е на оваа фукција. Мојсоски кажува дека со досегашниот изведувач на охридскиот базен е склучен нов договор, на истиот износ од претходниот тендер од 299 милиони денари, а клуч на рака треба да добијат на 31 декември 2021.
Мојсоски за ТВМ сподели кои се причините за бавното темпо на завршување на градежните работи. Бауер,градежната фирма избрана на тендер, 5 години тактизира со изградбата и ги пролонгира градежните работи на базенот во Охрид, информира Мојсоски. Се согласува дека таквиот однос не е чесен кон спортистите и граѓаните кои чекаат на завршување на градскиот базен, но ако го раскинат договорот со оваа фирма изградбата на објектот ќе ја зголеми цената на чинење.

„Знам дека не фер кон граѓаните, но од наша страна е се подмирено и е на нула. Фирмите кои не работат со темпо за да ги завршат на време работите ги притискаме, плаќаат казни ама не ги разбирам зошто не ги завршуваат работите“.

Полоша е ситуацијата со струшкиот базен, вели Мојсоски. Фирмата за реконструкција на струшкиот базен сама побарала да се раскине договорот и да се активираат нејзините банкарски гаранции. Направени се градежни зафати на долниот дел од базенот во висина од 1 милион денари, но фирмата не можеше сериозно да ги испорача преземените обврски во поглед на целосна реконструкција на базенот, вели Мојсоски.

Од осамостојувањето на Македонија од 1991 година до сега не е изграден ниеден базен во земјава. Фирмите немаат искуство со градење базени и кога се нафаќаат не ги знае што ги чека за да ги изведат објектите. Се пријавуваат многу фирми, а кај нас сеуште важи најниската цена е најдобра понуда“.

За да продолжи реконструкцијата на струшкиот базен сега се подготвува нов тендер кој треба да се објави кон крајот на овој месец. Претходната проценка за реконструкцијата на затворениот базен била во висина од 500.000 евра, а проценител треба да ја утврди новата сума за реобјавениот тендер.
Охриѓани чекаат да добијат затворен градски базен од 2015 година, а стружани обнова на запуштениот постоечки објект од 2018 година.