ИСПЛАТЕНИ НАД 15 МИЛИОНИ ЕВРА ПО СУДСКИ РЕШЕНИЈА ЗА ЕКСПРОПРИЈАЦИЈА НА ЗЕМЈИШТЕТО ЗА АВТОПАТОТ КИЧЕВО – ОХРИД, ОД КОИ 5 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ТРОШОЦИ
Жител на охридско село, на кого му биле одземени 4 метри квадратни земја за изградба на патот Кичево-Охрид, останал незадоволен од понудата на државата да му исплати по 550 денари за метар квадратен или 2,200 денари вкупно, па како еден од стотиците незадоволни граѓани чии имоти биле одземени, побарал судот да ја утврди цената. Бил ангажиран вештак, кој проценил дека имотот вреди по 20 евра, двојно повеќе од понуденото.
Жител на охридско село, на кого му биле одземени 4 метри квадратни земја за изградба на патот Кичево-Охрид, останал незадоволен од понудата на државата да му исплати по 550 денари за метар квадратен или 2,200 денари вкупно, па како еден од стотиците незадоволни граѓани чии имоти биле одземени, побарал судот да ја утврди цената. Бил ангажиран вештак, кој проценил дека имотот вреди по 20 евра, двојно повеќе од понуденото. Судот, по неколку одржани рочишта му определил 4.800 денари надомест, а досудил и трошоци во судската постапка од 30.000 денари, што е 8 пати повеќе од вредноста на спорот.
Овој предмет не е единствен каде што судските трошоци повеќекратно ја надминале вредноста на спорот, а со тоа, само за судски трошоци, адвокати, вештаци и жалби биле потрошени околу 5 милиони евра, или една третина од над 15 милиони евра, колку што вкупно исплатило ЈП за државни патишта во периодот 2014-2020 година, за одземеното земјиште за изграба на патот од Кичево кон Охрид.
Државата, преку утврдување на вредноста на земјиштео утврдено од вештаци од државното Биро з судски вештачења, понудила суми од 30 до 100 денари за метар квадратен во кичевскиот дел, до околу 10 евра по квадрат, во охридскиот крај, кој е близу и до езерото.
За потребите за изградба на автопат А2 делница Кичево – Охрид, од 2014 година досега се експроприрано 7. 563. 567, 5 m2 земјиште во државна сопственост и во сопственост на физички и правни лица. Во експроприраната површина влегуваат експропријацијата за потребите на изградба на траса, одлагалишта, косини, клучки, пристапни патишта, како и проширување на косини. Постапката за експропријација за трасата, одлагалишта, косини, клучки и за 6 проекти од проширување на косини е завршена. Останува да се експроприра земјиштето од дополнителните косини – одговори ЈП за дрржавни патишта на прашањето, колкаво земјиште било одземено за изграба на патот Кичево – Охрид, за потребите на ова идтражување.
ЗА НАД 3 ИЛЈАДИ ТУЖБИ ИСПЛАТЕНИ 15,5 МИЛИОНИ ЕВРА ОД 2014 ДО 2020
Многу по ретки биле тие грѓани кои се спогодиле во управната постапка со државата, бидејќи 3.043 граѓани на Охрид и Кичево, решиле правдата да ја бараат на суд, за, како што предвидува законот, судот да определи правичен надомест по пазарна цена. Прво се носи решение за експропријација на земјиштето, кое исто така може да се оспорува пред Управниот суд, па им се нуди одредена цена. Ако граѓаните не ја прифатат понудата, предметот оди на суд.
Почнувајќи од 2014 година од страна на надлежните Државни правобранителства Охрид и Кичево се поднесени вкупно 3.043 предлози за експропријација (од страна на Државно правобранителство Охрид 2412 предлози, а од страна на Државно правобранителство Кичево 631 предлог). Постапките за определување на надоместок за експроприрана недвижност за потребите на изградба на автопат А2, делница Кичево-Охрид се водат пред Основен суд Охрид и Основен суд Кичево –покажува статистиката на државното претпријатие за патишта.
-Најголем дел од постапките за определување на надоместок за експроприрано земјиште завршуваат пред Основните судови- велат од ЈП, иако податоците на апелационите судови во Битола и Гостивар покажуваат дека тие биле заплиснати со жалби од државните правобранители, а не бил мал бројот и на жалби од адвокатите кои биле незадоволни од досудените трошоци во првостепените постапки. Најчесто жалбите на државата биле одбивани, а адвокатите добивале зголемени судски трошоци.
Јавното претпријатие за државни патишта, од 2014 до средината на декември 2020 година, платило речиси 15,5 милиони евра за експропријација на земјиштето за изградба на патот Кичево Охрид, во случаите каде што сопствениците не се согласие со понудената цена од странна државата во управната постапка и барале судот да определи надомест, според реална, пазарна цена како што предвидел законот.
Од овие над 15 милиони евра платени по завршување на судењата, над 5 милиони евра се исплатени за судски и адвокатски трошоци за над 3.000 постапки кои се воделе пред основните судови во Кичево и Охрид и пред Апелационите судови во Битола и Гостивар, покажа истражувањето што го спроведовме за водени судски постапки и исплатени пари од 2014 до крајот на 2020 година во вонпарнична постапка.
Во оваа сума од 15,5 милиони евра не се влезени околу милион евра исплатени во парнични постапки, каде што се барале штети за уништена шума, родни дрвја, како ореви, круши, сливи, лозја и за кои, покрај ЈП за државни патишта, биле тужени градежните компании кои работат на патот, бидејќи направиле штети и на друго земјиште, надвор од границите утврдени за изградба на патот, имот кој не бил експроприран претходно.
Исплатени експропријации за изградба на автопат Кичево – Охрид по години и вкупно:
2014 – 54.912.412,00 ден
2015 – 104.916.667,00 ден
2016 – 18.185.375,00 ден
2017 – 43.938.922,00 ден
2018 – 237.875.110,00 ден
2019 – 289.887.621,00 ден
До 15.12.2020 – 192.362.539,00 ден
Вкупно: 942.078.646,00 ( 15.318.351,00 евра ) 1 евро 61.5 мкд
*ЈП не располага со посебен податок за исплатени судски трошоци од наведената збирна сума. Сумата од 5 милиони еврае пресметана со увид во предмети и утврден просек
Како што се гледа од табеларниот приказ, најмногу пари биле исплатени во 2019 година, речиси 290 милиони денари, по што следуваат 2018 година со 238 милиони денар, над 192 милиони денари во последнава 2020 година. Најмалку пари се исплатени во 2017 година, околу 44 милиони денари, но нема податок на што се должи фрапантниот скок на исплати во 2017 година.
БИРОТО ЗА СУДСКИ ВЕШТАЧЕЊА ШКРТО ПРИ ОДРЕДУВАЊЕ НА ЦЕНАТА НА ЗЕМЈАТА
Ова истражување покажа дека државата можела да заштеди најмалку 5 милиони евра кои се фрлени за адвокатски и судски трошоци, ако покажела минимум воља за договор со сопствениците на земјиштето, кога станало јасно дека вештаците што ги ангажирале судовите, ја проценуваат земјата по 10 до 20 пати повисоко од проценката на Бирото за судски вештачења, кое на места на патот Кичево-Охрид, проценило дека еден метар квадратен чини 10, 30 или 50 денари.
-Мене ми е навистина жал, што за голем дел од земјиштето носев одлуки да се одземе за цена од 100 или 150 денари, колку што чини и една кутија цигари, но немав начин за друго пресудување, зашто првата процемка на државата беше дека тоа земјиште вреди само 30 денари- изјави еден од судиите во основните судови штоработеа на овие предмети, во рамки на нашето истражување.
Според него, тие биле свесни дека земјата вреди повеќе, но немале репер за споредба, бидејќи на тој дел од трасата, пред одземање на земјиштето, немало продавање – купување на земјиште, за што би имало докази кај нотарите и во УЈП, па од таму да се формира цената.
Судовите во Кичево и Охрид, биле затрупани со тужби, бидејќи не е мала бројката од над 3 илјади вонпарнични предмети само по еден основ.
Секој кој тужел и добил, бидејќи судовите ги прифаќале вештачењата од приватни лиценцирани вештаци, кои биле ии над 10 пати повисоки од проценката за висината на надоместокот за одземеното земјиште што го пресметало Бирото за Судски вештачења, како државен орган. Апелационите судови зазеле став дека не треба да се прифаќаат цените на Државното биро, бидејќи истите се направени за потребите на управната, а не за судската, вонпарнична постапка.
Во Основниот суд во Кичево, како мал суд во кој има само 7 судии, биле поднесени 600 предлози од кичевчани, кои не се согласиле да и ја дадат сопствената земја на државата за изградба на патот, по цена што им била понудена во управната постапка. Бидејќи голем дел од земјиштето покрај патот кое сега е одземено, било земјоделско, имало подигнати овошни насади, било шума или пасишта, граѓаните не сакале едноставно да се откажат за без пари од земјата, која секоја година им носела приход, без разлика дали таму саделе земјоделски култури, ја напасувале стоката или береле дрва.
„Мене ми одзедоа 20 декари со шума. Јас од тој имот си берев дрва за сопствени потреби, берев и шумски плодови и на тој начин го крпев семејниот буџет. Ако наберев 10 кубика дрва, тоа беше заштеда од над 30 илјади денари за мене“, вели Р.К. кој со тужба пред судот (правно Барање за утврдување на надомест) добил многу повисок надомест од тој што го утврдиле вештаците од државното Биро за судски вештачења.
Тие се одлучиле да бараат соодветен надомест, односно пазарна вредност на земјиштето, како што пропишва законот.
Драган Миноски е судија во граѓанскиот оддел на кичевскиот суд, каде се решиле над 600 барања за утврдување надомест за патот. Овие предмети се судат како вонпарнични, итни се по закон и судот, за нив носи решение со кое врз основа на вештачење, ккао и според правниот промет ако го имало, за продажба на земјиште пред експропријацијата ја утврдува вредноста на одземениот имот. Барањето за утврдување надомест не застарува и може да се поднесе во било кој рок по носење на решение за експропријација.
-По закон овие предмети се итни. Доколку нема пречки, истите можат да се решат по одржани 2-3 рочишта – вели судијата Миноски, но праксата покажала дека одело така лесно, што се гледа и од образложенијата во пресудите.
АДВОКАТИ И ВЕШТАЦИ ЗАРАБОТИЛЕ НА ШТЕТА НА ДРЖАВАТА КОЈА НЕ САКАЛА ДА СЕ СПОГОДУВА
Правобранителот доставувал вештачење од Бирото, а судот морал да ангажира друг лиценциран вештак. Секогаш вештачењата биле различни, а кога биле повикувани вештаците од Бирото за судски вештаци да се усогласат со вториот вештак во судница,тие не доаѓале, па поради нив се одлагале судењето. На крај, ги известиле судовите дека остануваат на писмените проценки дадени претходно, Ако вештаците не се усогласеле меѓу себе, се одело на супер вештачење кое достигнува и до 1.000 евра.
Тарифата на адвокат за едно судење за овие предмети е од 8.500 до 11.000 денари, што ја прави постапката скапа. Секако, се плаќаат и одложените судења. Ел од судиите не им досудувале цел износ кога биле одлагани судењата поради не доаѓање на вештаци, но апелационите судови ги прифаќале нивните жалби и им тарифирале цела сума според адвокатска тарифа.
Ова е само еден пример од пресуда водена пред основен суд, каде што се барала штета за уништени насади.
За бесправно исечени три ореви, надвор од трасата, кичевскиот суд определил надомест од 252 илјади денари, како и судски трошоци од над 1.200 евра. Оревите биле стари од 15 до 25 годдини и високи над 15 метри, во полна родност. Нив ги уништила компанија подизведувач, без за тоа да бара согласност од сопственикот, а биле на земја покрај патот, која не била одземена.
-Со оглед на околноста да туженото ЈП за државни патишта го загуби спорот во целост, судот го задолжи да им ги надомести на тужителот трошоците направени во текот на постапката. Имајќи ја во предвид висината на спорот според досудениот износ од страна на судот од 128.710,00 денари, како и Тарифата за награда и надоместок на трошоците за работа на адвокатите кој е во примена и тоа: на име награда за состав на тужба со 30% паушал сума во износ од 6.500,00 денари, за такса за тужба и одлука од по 2.574,00 денари , на име награда за застапување со вклучен 20% сатнина и 30% паушал во износ од 7.500,00 денари за едно застапување на расправа или вкупно за 5 застапувања сума во износ од 37.500,00 денари, на име тековна состојба на туженото сума во износ од 256,00 денари, на име барање за две вештачења од по 1.300,00 денари, сума во износ од 2.600,00 денари, на име вештачење областа на шумарството сума во износ од 8.000,00 денари, на име вештачење од областа на земјоделство сума во износ од 7.000,00 денари, на име супервештачење сума во износ од 8.850,00 денари, на име прецизирање на тужбеното барање сума во износ од 3.900,00 денари, на име ДДВ 18% сума во износ од 9.090,00 денари, или вкупен износ од 88.844,00 денари, кои трошоци туженото треба да ги исплати во рок од 15 дена по правосилноста на пресудата, под страв од присилно извршување, согласно член 148 од ЗПП –пишува во друга пресуда што беше предмет на наша анализа.
Во овој случај за одземеното земјиште се исплатени околу 2.100 евра, плус околу 1.500 евра за трошоци во постапката, што е околу 2/3 од вредноста на спорот.
Следниов пример покажува колкави трошоци плаќале компаниите што работеле на патот, а правеле штети на имотот, како примерите споменат претходно.
-СЕ ЗАДОЛЖУВА туженото ДГТТ Т. ДОО од Скопје да им исплати на тужителите,на име надомест на штета, за бесправно посечена дрвна маса, во површина од 5934 м2, сума во износ од 447.071,00 денари, со законска казнена камата во висина на референтната стапка на НБ на РМ што за секое полугодие важела на последниот ден од полугодието, што му предходело на тековното полугодие зголемена за 8% поени,сметано од 14.10.2015 година, до конечната исплата,како и да им ги надомести трошоците по постапката во износ од 52.989,00 денари,се во рок од 15 дена по правосилноста на оваа пресуда, под страв на присилно извршување – пишува во задолжението на друга пресуда на кичевскиот суд.
Во друг случај, за исечени 10 ореви покрај патот, судот утврдил штета од безмалку 12 илјади евра, плус околу 1.200 евра за трошоци во судската постпка, за постапка која завршила во 2017 година.
СЕ ЗАДОЛЖУВА тужениот ДОО Т. Скопје да му исплати на тужителот по основ на испуштена корист причинета поради изгубен род од 10 ореови стебла бесправно посечени од КП.бр.1944 на м.в.Косорид, за КО Душегубица сума во износ од 714.000,00 денари, со законска казнена камата во висина на референтната стапка на НБ на РМ, како и да му ги исплати трошоците по постапката сума во износ од 72.272,00 денари. Адвокатите барале 118.292,00 денари за трошоци, но судот го одбил барањето како нњосновано и досудил 72.272 денари.
-Одлучувајќи за трошоците по постапката судот одлучи истите да паднат на терет на туженото ЈП за државни патишта, вкупно сума од 73.202,00 денари кои трошоци изнесуват: за судска такса за тужба 5.040,00 денари, за судска такса за одлука 5.040,00 денари, за вештачење од Експерт Илиевски 6.000,00 денари, за шест застапувања по 7.800,00 или 46.800,00 денари и за излез на лице место и вештачење 10.322,00 денари. Поголемото барање а над усвоениот износ сумата од 91.922,00 денари се смета за барање неосновано, оценил кичевскиот суд во случај од 2019 година.
РАЗЛИЧНИ СУДОВИ РАЗЛИЧНО ДОСУДУВАЛЕ ЗА ИСТА РАБОТА
Сепак, и на судовите од 2014 година, кога почнале да пристигнуваат тужбите, не им било се јасно, па Апелациониот суд во Битола зазел став дека земјиштето треба да се плаќа како градежно, затоа што е наменето за изградба на пат, додека АС Гостивар под чија надлежност е кичевскиот суд имал став дека земјиштето треба да се плати како земјоделско, односно, во таа категорија во која било запишано во Катастарот во време на одемање на истото за изградба на патот.
Ова, битно правело разлика, зашто, ако е земјоделско, проценката ја правел земјоделски вештак, а кај градежно – градежен вештак. Секако, различна била и цената што се утврдувала.
По неколку обиди и меѓусебни состаноци, да ја усогласат судската пракса, битолскиот суд под чија надлежност е судот во Охрид и постапките што се водат за охридскиот дел од патот, останал на ставот дека треба да се досудува надомест како за градежно земјиште.
Со ваквиот став не се согласувале ниту Апелационите судови во Штип и Скопје, па целата работа завршила пред Врховниот суд, кој донел начелно правно мислење дека треба да се суди по ставот на Апелациониот суд во Гостивар, земјиштето да се плаќа според тоа како што било запишано во Катастарот во време на одземањето.
–Надоместокот за експроприрана недвижност во постапката пред судот, се определува по пазарната вредност според видот и карактерот на недвижноста во времето на експропријацијата, врз основа на податоците од Катастарот на недвижности, независно од тоа за кои потреби и намена се експроприра таа недвижност– заклучил Врховниот суд во април 2016 година, две години откако различни судови, различно го читале законот при пресудувањето.
Апелациониот суд Битола во дописот упатен до Врховниот суд на Република Македонија, навед дека на подрачјето на овој суд прифатен бил став дека поранешните сопственици имаат право на надоместок за градежно неизградено земјиште по пазарна цена на подрачјето на кое се наоѓа недвижноста. Во оваа насока едногласно бил донесен заклучок на Граѓанскиот оддел на тој суд дека кога е експроприрано земјоделско земјиште за изградба на објекти од јавен интерес и со Одлука на Владата на Република Македонија е трансформирано во градежно неизградено земјиште и како такво е запишано во јавните книги во постапката пред судот за определување на надоместок за експроприраната недвижност, надоместокот ќе се определи како за градежно неизградено земјиште. Причините за вака донесениот заклучок ги објасниле со фактите дека предметното земјиште пред да биде одземено, веќе било пренаменето со Одлуката во градежно земјиште.
Наспроти вака прифатениот став, на подрачјето на Апелациониот суд Гостивар, во постапката која се водела за определување на надоместок за експроприрана недвижност – земјоделско земјиште од физичко лице, судот определил надоместок за земјоделско земјиште, бидејќи предмет на експропријација според правосилното решение, била недвижност што претставувала земјоделско земјиште.
Одземањето и ограничувањето на правото на сопственост и на имотните права на недвижности заради реализација на јавен интерес утврден со закон, а заради градење на објекти, изведување на други работи, утврдување на јавниот интерес, постапката за експропријација и постапката за определување на пазарниот надоместок се уредуваат со Законот за експропријација. Во општите одредби од овој закон, конкретно во членот 18 предвидено е дека за експроприраната недвижност припаѓа праведен надоместок кој не може да биде понизок од пазарната вредност на недвижноста.
Поаѓајќи од фактот дека со одредбите од Законот за експропријација, се предвидува можност како надоместок за експроприраната недвижност да се понуди друга недвижност која треба да биде по вредност соодветна на експроприраната недвижност, односно дека надоместокот за експроприраното земјиште се определува со давање во замена друго земјиште кое по големина, квалитет и локација е соодветно на експроприраното земјиште, за определување на надоместокот за експроприраната недвижност од примарно значење е видот на недвижноста во времето на експропријацијата според податоците од евиденцијата што се води во Агенцијата за катастар на недвижности.
По вака заземениот став на Врховниот суд, битолскиот и охридскиот суд јасмениле праксата и вредноста ја утврдувале за земјоделско, а не за неизградено земјиште.
Иако судовите го досудувале надоместокот пресметан од приватните вештаци, Државното правобранителство не направило обид за спогодба во ниту еден предмет на стартот на судењата, и на тој начин и пред првостепените и по жалба пред апелационите судови се направени трошоците од над 5 милиони евра, утврдени од наша страна во ова истражување.
-Да се спогодеа немаше да бидат направени вакви милионски трошоци, пари од Буџетот, за адвокати и вештаци. Поради несериозноста на државата во ваквите спорови се изгубија милиони евра кои можеа да бидат употребени за доизградба на патот, чија изградба доцни неколку години –коментира учесник во постапката.
Државното правобранителство располага со податок дека во 2019 година во 23 проценти од вонпарничните постапки поднело жалби.
Во рамки на ова истражување направивме увид во околу 500 предмети, кои даваат јасна слика, како се одлучувало за надоместокот на одземеното земјиште и трошоците во постапката.
Нај илустративен е предметот што се водел пред охридскиот суд, споменат во истражувањево по тужба за одземени 4 метри земјиште, каде што за надомест од 80 евра,судската постапка чинела над 500 евра.
ИЗГРАДБАТА НА ПАТОТ КИЧЕВО – ОХРИД ДОЦНИ ПОВЕЌЕ ОД 3 ГОДИНИ
Поради грешки во основниот проект, патот Кичево Охрид е во застој рокот за изградба кој беше планиран за до 2018 година, одамна е пробиен.
Во текот на 2019/2020 година утврдени се 5 нови клучки на патот, за кои дополнително било одземено земјиште, за што се очекуваат и нови тужби за висината на одземеното земјиште.
-Изградбата на Автопат А2 Кичево – Охрид е во должина од 56,7 км, и е поделена на 5 подделници. Постапката за експропријација на земјиште за главната траса е спроведена. Постапката за експропријација на вкупно 17 одлагалишта и 5 клучки (Арбиново, Издеглавје, Ботун, Мешеиште и Извор) е спроведена. Постапката за експропријација на Денивелиран патен јазол Требениште, на Патен jазол Подмоље и Патен јазол Аеродром Св.Апостол Павле е спроведена. Исто така спроведена е постапката и за 9-девет косини соопштува Јавното претпријатие за државни патишта.
-Во текот на 2017 година и претходно за патот Кичево-Охрид има доставено повеке дописи поради неусогласеност на проектната документација со реалните услови на терен, променливата геологија, појавената потреба од препроектирање на постоечка документација (препроектирање на тунелот за кој немало геомеханичи испитувања и погрешна категоризација, препроектирање речиси на сите потпорни зидови, поголем дел од усеците, вијадуктите, мостовите, натпатниците, потпатнијдите, плочестите, цевастите пропусти и друго), дислокација на електро водовите, експропријација на објекти на траса, како и изработка на нова проектна документација за позиции кои не беа предвидени со Основниот Проект, а се неопходни за правилно функционирање на Автопатот и појавена потреба од дополнителни и нови работи, а со тоа и зголемен обем на работа. Надзорот укажува за потребата од продолжување на рокот за завршување на работите и за потребата од дополнителни финансиски средства– констатиррат од Државни патишта, за што се земени и дополнителни кредити и заеми.
На подрачјето на Државно правобранителство Охрид и Државно правобранителство Кичево кои се надлежни за водење на постапката за експропријација, пред надлежните Основни судови во Охрид и Кичево, на крајот на 2020 година имаше активни уште околу 320 судски предмети, за кои само за судски трошоци се очекува да се исплатат околу 250 илјади евра.
Сите кои тужат, во едно се согласни, дека ЈП за државни патишта било добар плаќач, па не морале да ангажираат извршители, туку парите ги добивале веднаш по носење на пресудите.
Оваа истражувачка сторија е изработена со финансиска поддршка од Европската Унија.
Нејзината содржина е единствена одговорност на авторот и на ниту еден начин не ги одразува гледиштата на Европската Унија.
Извор: СКУП Македонија
Автор:Саше Димовски