Skip to main content

Бесплатна лекарска грижа добиле 400 пациенти со проектот „Cross4all“

 Носител на овој проект е секторот за туризам и локален економски развој при Општина Охрид, а  се реализира со Заводот за кардиоваскуларни заболувања од Охрид и Општинската организација на Црвен крст. Целта е да се растерети здравствениот систем, а граѓаните да добиваат соодветна медицинска помош во услови на пандемија.

 |  Валентина Неловска  | 

Медицински тимови даваат бесплатни здравствени услуги за граѓани на кои им е отежнат пристапот до здравствените установи во рамките на проектот „Cross4all“. Носител на проектот „Cross4all“ е Секторот за туризам и локален економски развој при Општина Охрид, а се имплементира заедно со Заводот за кардиоваскуларни заболувања од Охрид и Општинската организација на Црвен крст. Во време на пандемија прегледани се 400 пациенти од месец декември до сега, информира Сашо Точков, претседателот на ОО ЦК, за досегашите позитивни искуства од реализацијата на проектот „Cross4all.

„Се растеретува здравствениот систем во оваа ситуација, но и пациентите се во порелаксирана атмосфера. Може да ги кажат своите здравствени проблеми кои не можат кај своите матични лекари кои немаат толку многу време на располагање, или доколку се исплашени од ковид ситуацијата. Друго е кога нашите тимови одат кај пациентите и им даваат совети и прават прегледи.“

Христина Ралева Павлоска, доктор по општа медицина, е дел од мобилната екипа која го покрива теренот на Охрид, Дебрца и околните села. Во изминативе два и пол месеци од кога стартуваше проектот направивме бесплатни прегледи во селата Лескоец, Трпејца, Ливоишта, Велмеј, Белчишта, Куратица, напоменува д-р Ралева Павлоска. Додава дека се достапни за старите и изнемоштени лица кои заради ковид пандемијата им е отежнат пристапот за лекарски прегледи.


„Опфатени се сите возрасни групи со овој проект, но најчести посетители на нашите прегледи организирни по реони се обично повозрасните лица над 60 -65 години, но има и помлади. Пациентите се со хронични болести, со висок крвен притисок, дијабет, хронични опструктивни белодробни заболувања“.

Во рамките на проектот „Cross4all“ се формирани по две  мобилни и стационарни екипи во ОО ЦК и две екипи мобилна и стационарна во Заводот за кардиоваскуларни заболувања од Охрид. Тимовите се составени од лекари, медицински сестри и психолог, а за пациентите се достапни секој четврток и сабота.

Проктот „Cross4all“ ќе се реализира до крајот на месец јуни.