Skip to main content

Проектната документација за изградба на катна гаража отстапува од Планот за управување со светското природно и културно наследство

Катната гаража има поголема  висина  според  измените со новиот  план за управување. Проектот  е од јавен интерес па  општината ќе бара начин да се изземе овој проект  од  планот за управување.   

 |  Валентина Неловска  | 

Планската документација за проектот за изградба на катната гаража во Охрид е првиот објект од јавен интерес на градот кој има отстапување од Планот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот регион. Проектот за изградбата на катната гаража е завршен уште пред да се донесат измените во новиот план, информира градоначалникот Константин Георгиески за текот на изготвувањњто на проектната документација за овој важен објект за градот.

„Согласно планот за Управување сега висината на објектот е П + 2, а со изводот од планот тука имаме катна гаража на пет висини, сме направиле физибилити студија и проект за пет висини, а тоа е проект од јавен интерес. Не може некој пред 5 или 2 години да изгради зграда на 5 ката, а ние за општината да не можеме да направиме катна гаража на висина од ДУП-от “.

Општината ќе бара начин, како сепак, да се изгради катна гаража, со која ќе се реши горливиот сообраќаен проблем од недостиг на јавен градски паркинг простор во Охрид. За да се спроведе планот за управување ќе треба да се донесе нов член во планот кој ќе се однесува на катната гаража.

„Во таа одлука што ќе ја носиме за легализација на објект од ваков тип ќе ги изземеме од планот за управување. Кога ќе го направиме тоа ќе аплицираме за одобрение во министерството за транспорт и врски затоа што објектот е во заштитено поддрачје во Старото градско јадро. Министерството дава одобрение за градба“.


Проектот за изградба на катната гаража е доставен во Завод и музеј и се чека одобрение за конзерваторски услови. Според Планот за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион, секое одобрение за градба мора да содржи и конзерваторски услови кои ги издава НУ Завод и Музеј- Охрид.