Skip to main content

Расте бројот на спасувачките интервенции и асистенции на регионалната Планинска спасителна служба

Спасителите успешно ја обавуваат својата мисија, а сеуште немаат  финансиска поодршка од општините од регионов и од државата за одржливост на службата. Апелираат  надлежните да ја исполнат својата обврска за да може службата непречено да функционира.

 |  Валентина Неловска  | 

Регионалната Планинска спасителна служба интервенирала во 4 спасителни акциии и 7 асистенции од почетокот на годинава. Спасителите интервенираат во ризични ситуации и чекаат конкретна финансиска помош од 5те општини од регионов со кои, со исклучок на општина Ресен, имаат потпишано Меморандум за соработка веќе година и пол. Не станува збор за вработувања на кадри од ПСС туку за тековни трошоци, за набавка на скапата потрошна опрема и вработување на 5 до 6 луѓе кои треба да го одржуваат во функција целиот систем, информира Антонио Додевски од ПСС. Од Планинската спасителна служба изработиле детална студија со пресметка на трошоците за активности.

Согласно студијата која е изработена општините треба да издвојуваат по 1 евро по глава на жител годишно. Со што би се покривале 50% од трошоците од службата, 30 % од трошоците да ги покрива државата преку Дирекцијата за спасување и 20 % службата да ги обезбедува преку донации како што е секаде во светот. Но, најголем дел е на општините, затоа што, најчесто 70% од интервенциите се врз локалните жители“.

Спасувањето е трошок кој треба да го обезбедува општината за безбедност на своите граѓани и тоа е така секаде во светот. Според нивната статистика досега имале во просек до 12 интервенции во текот на годината или по една интервенција месечно. Сега бројот на интервенции се удвојува.

„Притисокот од бројот на интервенции кој е се поголем не принудува да апелираме до локалните самоуправи од регионот кој го покриваме,општините Охрид, Струга, Дебар, Вевчани и Ресен, како и од државните институции, Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи. Но сепак, мора да се најдат начини и да се направат измени во законските решенија и да се донесат нови закони. Спасителната планинска служба е значаен сегмент и во светот, и е организирана по одредени стандарди кои и ние ги следиме“.

Спасителната планинска служба е членка на Меѓународната асоцијација за планинско спасување и ги следи сите безбедносни стандарди за ефикасно делување. Во моментов е финансирана од ЕУ преку проектот „Нови можности за безбеден авантуристички туризам“.