Skip to main content

Се уште постои ризик oд нови одрони од карпи во струшкото село Радожда

Од Општина Струга се обратиле до институтот да направат увид  дали е безбедно за жителите да останат на просторот каде пред една недела имаше голем одрон на карпа.

 |   | 

Жителите на струшко Радожда стравуваат од  карпите над нивните куќи. После големиот одрон од пред една недела нивните погледи се свртени кон пештерската црква Св Архангел Михаил. Сведочат дека над нивните глави сè уште се слуша крцкање на камењата, а се отвориле и процепи.


„Не се случило ова, да се одвои дел од карпава. Затоа живееме тука, затоа сите беа безбедни. Сега понатаму треба да се види„

„ Од сите страни е испукано. Треба да дојдат геолози, затоа што не е безбедно за живеење овде. Можеби ќе се иселиме одовде. Пола село е под карпа. Постои опасност и таа да се урне“.

Ризик од нови одрони од карпи во Радожда постои, предупредува Михаил Гаревски, директорот на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија.

„Сосема е логично да се размислува дека површински води, кои дел почнале да се слеваат како резултат на топење на снегот или врнежите и овие неколку дена имаше ниски температури со замрзнување на овие води и ширење на веќе некој испукан дел од стенската маса и како резултат на тоа дошло до паѓање на овој блок. Ризик секогаш постои и дека повторно може да се случи да се одрони некоја карпа, дел од карпа. Природата дала некој сигнал“.-вели Михаил Гаревски – ИЗИИС.


На терен засега се преземени само мерки за отстранување и расчистување на просторот по одронот. Од Општина Струга се обратиле до Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија да излезат на увид за да констатираат дали е безбедно и дали треба да се преземаат дополнителни мерки. Гаревски смета дека не се изцрпени можностите за санација на просторот и превентивно делување.

„Едно од решенијата е некои паралелни каналчиња да се направат, да нема понирање на водата и миење на пукнатините. Второ, некоја мрежа да се стави или некое мало инјектирање. Ние како екипа можеме да дојдеме по барање на општината, да направиме детекција на целиот тој терен, да се качиме горе, да видиме дали има големо понирање на вода. Очигледни тие се вертикални пукнатини, делумно и хоризонтални под агол“.
Евакуација на луѓето можат да  направат локалните власти, посочува Гаревски но додава дека тој не може да нареди такво нешто. Жителите на Радожда  живеат во страв од 22ри февруари  по одронот кој се урна врз дел помошни објекти при што беше причинета само материјална штета и за среќа немаше повредени.