Skip to main content

Струшките пазарни инспектори направиле над илјада контроли на угостителски локали во месец февруари

Кај угостителските објекти констатирале повеќе прекршоци од Законот за забрана на пушење. Помал е бројот на прекршоци за непочитување на законските одредби од законот за заштита на населението од заразни болести.

 |  Валентина Неловска  | 

Струшките инспекори од ДПИ се секојдневно на терен во две смени, а работаат и за време на викендите, информира Шпендим Иљази раководител на ПЕ. Во месец февруари, инспекторите имале полни раце работа и направиле околу 1500 контроли на угостителски објекти. При инспекцискиот надзор на струшките локали со записник се направени 145 контроли, а 1300 се визуелни контроли. Инспекторите изрекле 8 прекршочни мерки од Законот за забрана на пушење и 3 мерки за непочитување на законот за заштита на населението од заразни болести, а затекнале еден нерегистриран објект кој обавувал дејност. Инспекторите во неколку случи постапиле со изрекување на неколку решенија за забрана на дејност и прекрошочни платни налози.

„Кај еден угостителски објект се констатирани 8 лица на една маса, а кај други 5 угостителски објекти не се почитувало работното време и покрај забраната работеле после 21 часот“.

Раководителот Шпендим Иљази напоменува дека инспекторите оваа година не затекнале ситуации угостителските објекти кои ги прекршиле законските прописи да ги повторуваат прекршоците.

„Сега за сега не , но во летото 2020 имавме такви случаи. Имавме угостителски објекти на кои им имавме изречено 2 до 3 кривични пријави. Во 2021 нема кривични пријави. Имаме само прекршочни пријави за непочитување на законските одредби од законот за заштита на населението.“

Според податоците од ДПИ, струшките инспектори издале 65 платни налози на износ од 9,8 милиони денари во 2020 година. Од нив се наплатени 31 платен налог и се инкасирани 232.149 денари.
Минатата година на територија на цела држава инспекторите од ДПИ издале 2074 прекршочни платни налози во висина од над 672 милиони денари. Од нив биле наплатени 471 прекршочен налог во износ од околу 5,5 милиони денари.