Skip to main content

Формирано Здружение на граѓани „Quo Vadis 021“ од Охрид за едукација и превенција од хазардни игри

Како што расте бројот на обложувалници и коцкарници расте и бројот на зависници а возрасната граница се намалува. Мора  да ја подигнеме јавната свест за она што се случува позади сјајните светлечки реклами и затемнетети стакла, дека таму има луѓе на кои им е потребна помош, велат од здружението на граѓани Кво Вадис 021. Целта на ова новоформирано здружение во Охрид  е едукација и превенција од хазардни игри.

 |   | 



Коцкарот прв пат стапнува во обложувалница или казино од љубопитност, а со првата добивка започнува маѓепсаниот круг од кој тешко се излегува. Првата добивка понатаму води само кон загуби, до загуба на семејството, пријателите, на работното место, на здравјето. Потребно е да се прекине кругот , да се препознаат симптомите на зависност пред да стане премногу доцна, вели Мирче Крстески, Претседател на новоформираното Здружение на граѓани од Охрид за едукација и превенција од хазардни игри „Quo Vadis 021“


„Се навлеков од првиот пат од првата игра во 1991 година. Пијам грст лекарства и наутро и навечер. Коцката го наруши целосно моето здравје и ментално и физички.  На  50 години изгледам како да имам 70.  Сакам да помогнам со моето лично искуство на сите кои сакаат да им се помогне кои се свесни дека имаат проблем. Голем дел од нив не се ни свесни дека имаат проблем. Целта на формирање на здружението е за едукација и превенција.“ – вели  Мирче Крстески, Претседател на Здружение „Quo Vadis 021“


Коцкањето во меѓународната класификација  е регистрино како болест, пореметување на нагоните. Во светот доктори, психијатри, психолози, социолози работат со лицата со овој социопатолошки проблем. Кај нас никој не сака да разговара, сите креваат раменици, вели Крстески.
Тој објаснува дека здружението го формирале луѓе кои сериозно сакаат да пристапат кон  проблематиката на зависноста од игри на среќа. Планираат да влијаат едукативно во училиштата но преку флаери и постери и на самите локации и објекти каде што се приредуваат игрите на среќа.

„ Свесни сме и гледаме дека возрасната граница се повеќе се спушта и почнуваат деца да се коцкаат. Како што има акции за штетност на наркотични средства, од пушење , од алкохолизам , ние ќе се обидеме да им презентираме на тие деца дека и коцкањето создава тешка зависност , зависност без супстанција. „ – вели Крстески.


Сакаме да ја подигнеме јавната свест за она што се случува позади сјајните светлечки реклами и затемнетети стакла, дека таму има луѓе на кои им е потребна помош, вели Крстески. На старт им е потребна помош од општествено одговорни фирми и поединци за да започнат со реализација на зацртаните активности.

„Имаме фејсбук страна „Quo Vadis 021“ на која може да се поставуваат прашања, да се даваат коментари, сугестии, предлози, мајки чии деца се засегнати од овој проблем, сопружници на кои брачниот другар им е засегнат, деца чии родители го имаат овој проблем, слободно нека се обратат , отворени сме за разговор, соработка и за помош . “ – порачува Крстески.

Охридското здружение „Quo Vadis 021“ планира да воспостави соработка  со здружението „Анти коцкање“ од Тетово и да реализира средби со Асоцијација на приредувачи на игри на среќа во Македонија.  Крстески вели дека објектите каде што се приредуваат игрите на среќа во најголем дел работат легално согласно закон но смета дека има простор да се делува во насока на укажување од негативните последици од забавата која може да премине во зависност. Во Охрид работат вкупно  52 кладилници и обложувалници.