Skip to main content

Туристичко угостителскиот сектор на протест

Во организацијата на протестот се вклучени околу 6.000 правни субјекти од туристичко угостителскиот сектор, најмногу угостителски објекти и туристички агенции.

 |   | 

Утре на пладне  угостителите и туристичките агенции и водичи  излегуваат на протест пред Министерството за финансии и ќе протестираат додека не бидат исполнети нивните барања.  Нема време за чекање, потребна е сериозна поддршка сега и веднаш за сите, соопштија организаторите на протестот од Туристичко угостителската комора.
 
„За спас на угостителските дејности се бара еднократна финансиска помош за сите регистрирани угостителски објекти поделени во три категории врз основа на бројот на вработените во 2020, еднократна финансиска помош за регистрираните угостителски објекти на кои веќе една година им е забранета нивната примарна дејност и кои со месеци немаат никаква помош, како и утврдување на мораториум, односно репрограмирање со грејс-период на кредитите од комерцијалните банки и кредитите од Развојната банка, сè додека не ни се дозволи од Влада да работиме без рестрикции за нашиот сектор. “, истакна на денешната прес конференција Перица Голомеиќ од Туристичко угостителската комора.

Туристичките агенции истакнаа барања за еднократна неповратна финансиска помош како и продолжување на рокот на туристичките ваучери кои граѓаните не ги искористија до крајот на 2022 година, а ваучерите од владината мерка „Дома си е дома” да се реализираат исклучиво преку туристичките агенции за да можат да бидат опфатени хотелите, агенциите, водичите и превозниците.

Со протестот сакаме јавно да го покажеме нашето незадоволство од ситуацијата во која се наоѓаме, но и гласно и јасно да предупредиме дека уништувањето на овој сектор треба да се гледа и низ призмата на загуба на сериозна бројка на работни места, како и затворање на многу деловни субјекти од кои егзистираат цели семејства. “ порачаа претставниците на ТУК.

Во организацијата на протестот се вклучени околу 6.000 правни субјекти од туристичко-угостителскиот сектор, најмногу угостителски објекти и туристички агенции од Туристичко угостителската комора, но поддршка има и од игротеките од Групата на забавни и рекреативни дејности, Асоцијацијата на туристички водичи, Движењето за социјална правда ,,Обединети работници” и многу други.