Skip to main content

Пред почетокот на летната туристичка сезона плажите ќе бидат ослободени од нелегални објекти

Пред почетокот на летната туристичка сезона целото охридско крајбрежје ќе биде исчистено и плажите ќе бидат ослободени од нелегални објекти. Тоа е намерата на Градоначалникот Георгиески.  Дали во иднина ќе има некаков вид на организирани плажи зависи од урбанистичкиот план за крајбрежјето кој е во изработка од  Агенцијата за просторно планирање на Македонија, а согласно Планот за управување со природното и културното наследство на Охридскиот регион.

 |   | 



Чистење на крајбрежјето и уредување на плажите пред почеток на главната туристичка сезона најавува Градоначалникот на Охрид Константин Георгиески.
За таа цел Општината има на располагање 6 милиони денари од владата и дополнителни 3 милиони денари обезбедени на последната седница на Совет со алокација на средства во општинскиот буџет. Процесот на расчистување на плажите ќе продолжи онаму каде што застана.

„ Имаме уште некои објекти кои предходно беа под легализација и во меѓувреме ги исчистивме во поглед на документацијата на потегот Св Стефан. Потоа ќе се продолжи со плажите после Метропол па се до Пешатни. Ќе мора да се позанимаваме и со Градиште затоа што имавме најави дека таму се вршат некакви градежни активности, секојдневно стигнуваат пријави во општината.“ – вели Георгиески.

И плажите кои се во опфат на ГУП ќе бидат предмет на отстранување претстојниов период. Градоначалникот вели дека тие се навистина убави и репрезентанивни објекти на крајбрежјето во поглед на туристичката понуда на градот но не смеат да обавуваат дејност.
„Ниту е во некаква законска рамка нивното вршење на дејност ниту се совпаѓаат во габаритите сето тоа таму што е изградено со проектите и дозволите кои ги имале на времето , независно што сега имаат решенија за отстранување. И што е најважно се во непосредна близина на Студенчишко блато. “ – потенцира градоначалникот.

Агенцијата за просторно планирање на  РСМ прави урбанистички план за крајбрежјето согласно Планот за управување со природното и културното наследство на Охридскиот регион. Некаков вид на организирани плажи во иднина може да има само доколку бидат предвидени со тој урбанистички план но не во овој вид и обем како досега, вели Георгиески.  Потенцира  дека сега негова намера е од крајбрежјето да се отстрани само она што мора да биде отстрането.

„Не сме ние душмани. Но се има свој крај и сите тие луѓе кои ги имале тие плажи под концесија и обавувале дејност треба да бидат свесни дека едноставно нивното време заврши, мора да ги ослободиме плажите , нема да има веќе узурпација со лежалки и наплаќање паркинг на диво. Охрид е светско природно и културно наследство, Охрид е на сите нас, сите тие плажи се на сите нас, и ние оваа година ќе ги ослободиме. Нема повеќе да дозволам узурпација на државно земјиште и да се стекнуваат со финансиска корист на земја која е на сите нас. – вели Георгиески

Најдоцна до 15ти јуни треба да биде завршено чистењето на плажите од времени објекти и истите да бидат уредени со песок од сливот на Охридско езеро.