Skip to main content

РЦСОО „Ванчо Питошески“- Охрид подготвен за новата генерација ученици

Регионалниот центар за стручно образование и обука „Ванчо Питошески“ ги отвори вратите за матурантите. Околу 250 слободни места ги очекуваат учениците во новата школска година. Центарот нуди можност за практично образование со одлични услови, дуално образование со повеќе пракса, стипендии за ученици,  меѓународно признати дипломи. Стручното училиште е дел од системот на дуално образование со кое учениците се стекнуваат со потребната пракса, а компаниите со квалификуван стручен кадар кој е подготвен квалитетно да одговори на работните задачи.

 |  Кристина Алексиеска  | 

РЦСОО „Ванчо Питошески“-Охрид ги отвора вратите за упис на  254 ученици во 8 паралелки во прва година од Угостителско-туристичка струка . Од три- годишните профили понудени се келнер и готвач со комбиниран профил слаткар, додека од четири годишните профили угостителски техничар, техничар за настани и анимации , техничар за рурален туризам и хотелско- туристички техничар.


 „ Новина од оваа година е  што учениците кои ќе се запишат во три- годишните профили келнер, слаткар односно  готвач ќе добиваат по 3500 денари месечна стипендија што значи еден мотив повеќе учениците да се запишат во дуалното образование. Покрај теоретскиот дел учениците поитензивно ќе ја посетуваат и практичната работа во соработка со компании од хотелите и угостителските објекти во Охрид и охридско – струшкиот регион “ – изјави директорот Марјан Радески .

Иако главната дејност во градот е угостителството, сепак евидентен е  недостаток на стручни профили од секторот кои се подготвени да се вклучат на пазарот на труд.

 „Во последниов период евиденден е податокот дека во туристичкиот сектор недостасуваат работници од сите профили, затоа училиштето се нуди како една можност или алтернатива како помогнување или подобрување на туристичкиот сектор каде што нашето училиште би продуцирало квалитетни кадри  кои понатака би влегле на пазарот на трудот со што би придонесле за поголем и поквалитетен развој на туризмот“ – додава Радески.

Инаку , во изминатиот период во РЦСОО „ Ванчо Питошески “ беа спроведувани и дополнителни обуки покрај редовната настава за сомелиери и комбинирана храна со вино , технички вештини за бармен, бариста, развој на рурален туризам и хотелско – туристички техничар како и обука за маркетинг и брендинг во туризмот. Училиштето во континуитет ги подобрува условите за практична настава со што се подигнува квалитетот на образовниот процес за што сведочат бројните награди кои учениците ги освојуваат во државата и на меѓународни натпревари.