Одвојување со физички препреки на велосипедските ленти од коловозот за да се спречи нивно узурпирање
Ова е барање на активистите од Чист Охрид кое го упатија до локалната самоуправа пред една година а деновиве повторно го актуелизираат. Од општина Охрид велат дека проблемот е комплексен.
Одвојување на велосипедските ленти со столпчиња од коловозот бараат активистите од Чист Охрид. Неколку улици во Охрид како „Питу Гули“, „Сирма Војвода“, „Карпош Војвода“, „АСНОМ“, „Марко Цепенков“ минатата година добија велосипедски ленти, но досега тие не се на никаков начин физички одвоени од коловозот каде транзитираат автомобилите, реагираат од еколошката организација. Од „ Чист Охрид“ велат дека е за поздрав трудот на локалната самоуправа за унапредување на вело-сообраќајот во градот но, поставување на физички бариери, односно столбчиња е од особена важност.
„ Лентите во градот каде нема вакви столпчиња постојано се узурпираат од автомобили и мотори кои се паркираат на овие места. Поставувањето столпчиња е од огромна важност за безбедноста на бројните велосипедисти и за непречено одвивање на сообраќајот. Во овој момент, сметаме дека ваквите ленти воопшто не им служат на велосипедистите, затоа што состојбата воопшто не се разликува од таа пред да се означат ваквите ленти. “ – велат од еколошката иницијатива „ Чист Охрид “ .
Од локалната самоуправа велат дека се свесни за потешкотиите на кои наидуваат велосипедистите во однос на паркираните моторни возила на обележаните патеки. Но посочуваат дека станува збор за проблем во кој се засегнати повеќе страни како на пример деловните објекти и продавници на кои им е потребен пристап.
„ Проблемот е покомплексен бидејќи тука се вклучува и режимот на сообраќај, се вклучуваат продавниците, дуќаните кои се на овие улици кои имаат потребни дозволи за работа и сите потребни документи кои им се издадени од надлежни министерства кои ги издаваат, а не од Општина Охрид. Ние сме свесни за потешкотиите , меѓутоа не можеме на секоја улица да ставиме столбчиња со кои ќе ја обележиме велосипедската патека, односно на некој начин ќе ги заштитиме оние кои возат велосипед. Во моментов сметаме дека е доволно што таа е обележана “ – вели Томе Џамтоски – портпарол на Општина Охрид.
Од Општина Охрид сметаат дека состојбата по однос на ова прашање може значително да се подобри со поголема контрола од сообраќајната полиција. Апелираат на поголема свесност на сите учесници во сообраќајот со цел безбедно одвивање на истиот.