Skip to main content

Од денес започнаа уписите во средните училишта

 За средношколците има над 30.000 места во 913 паралелки во 109 средни училишта во земјава. Годинава на средношколците им се нуди опција за 97 дуални паралелки во 25 Македонски општини.

 |  Валентина Неловска  | 

Започнаа уписите во средните училишта во земјава кои ќе траат во следните три дена. Во јавните средни училишта слободни се 30.053 места во 913 паралелки во 109 средни училишта во земјава. Од вкупниот број на слободни места во прва година средно образование, 19.602 места се во стручното образование во 604 паралелки, 9.261 место се во гимназиско образование во 274 паралелки и 1.190 места во 35 паралелки се наменети за училиштата од уметничко образование, спортска академија, спортска гимназија и математичко-информатичка гимназија.
Годинава на средношколците им се нуди опција за 97 дуални паралелки, во 46 средни училишта во 25 општини. Овие средношколци ќе добијат можност за обука директно во компании со кои средните училишта имаат договор за соработка.
Во првиот уписен рок пријавување ќе се одржи на 14 јуни од 12 до 19 часот, а на 15 и 16 јуни средните училишта ќе примаат пријави од 7 до 19 часот. На 17 јуни пријавувањето ќе трае од 7 до 15 часот. Ранг-листите ќе бидат објавени на 17 јуни по 16 часот, додека квалификациското тестирање ќе се одржи во училиштата на 21 јуни кога ќе бидат објавени конечните ранг-листи. Вториот пријавен рок ќе се одржи на 23 и 24 јуни, а третиот рок е закажан за 30 јуни. Учениците кои имаат поправни испити, испит на година, испити за побрзо напредување, може да се запишат во училиштата во кои има слободни места по јунскиот рок, односно на 23 август.