Skip to main content

Со „ Крик за љубов “ Народниот Театар од Охрид ќе одбележи 10 години постоење

На големата сцена при центарот за култура „ Григор Прличев “ во среда во 20 часот ќе биде одиграна претставата „ Крик за љубов“ под режисерската палка на Љупчо Ѓоргиевски.

 |   | 

Претставата ќе се игра пред максимум 150 луѓе во публика што според протоколите за заштита од Ковид – 19 е 30 проценти од вкупниот капацитет на салата. Директорот Горан Симоноски ја покана публиката да ја проследи премиерата и напомена дека ќе бидат запазени сите протоколи за заштита од корона вирусот .
„Ова е еден од двата проекти добиени од министерството за култура, театарски проект, се работи за претставата „ Крик за љубов “ во режија на Љупчо Георгиески. Во среда имаме премиера во 20:00 часот, ја поканувам публиката, а поради големиот интерес одма во сабота имаме повторен настап, односно реприза на претставата во 20 : 00 часот “ – вели директорот на Центарот за култура „ Григор Прличев “ Горан Симоноски .
„ Крик за љубов “ е современ француски текст. Станува збор за комедија на карактери натопена во љубовна приказна со романтичен крај.
„ Главни теми во претставата се љубовта и театарот. Фактички се работи за двајца актери, бивши сопружници кои се ангажирани да спремаат претстава , исто така да играат улоги на двајца бивши сопружници. При тоа во текот на претставата се соочуваме со она што се се случува до премиера“, вели режисерот на претставата Љупчо Ѓоргиевски. 

Според режисерот Ѓоргиевски пораката која ја носи текстот е суштината на феноменот Театар, односно неговото чудотворно дејство врз реалниот живот.

„Се трудам да пристапам многу искрено, бидејќи се она што ќе го види публиката е многу реално. Публиката не знае, а мислам дека секогаш е многу љубопитна да види што се случува зад кулисите и како се одвива процесот на работа и мислам дека е многу јасно со колку жар и колку страст пристапуваме кон процесот на создавање на една претстава “ – изјави актерката Адријана Билаловиќ Тодороска.

„Мислам дека имаме доста квалитетен продукт, доста се потрудивме , фрливме многу енергија, многу емотивни сили“, рече на денешната прес- конференција актерот Ивица Цонев .

Оваа премиера е од големо значење за театарот бидејќи со истата се одбележуваат 10 години постоење на Охридски театар. Актерите велат дека успеале доста во оваа деценија, но дека приказната е на почеток и сеуште треба да се развива .

„10 години не се преголема, но не се ни мала бројка. Имаше доста премиери како за една екипа која што е свежа, ансамблот не е преголем, мислам дека успеавме да покажеме и да докажеме дека на Охрид му треба еден театар којшто треба да се развива“ – вели актерот Никола Тодороски.
„Театарот е жива материја и живата материја ако не ја познавате суштински со своето срце не може да просперира. За театарот треба да се грижите како за мало дете, а кога имате свое дете вие нема да го оставите на улица, напротив ќе се грижите. Тоа се други вредности, културата и уметноста се над политиките ама ги заробија, тешко е сиот овој период да се задржи чистината на културата, чистината кон уметноста и самата уметност како де-факто состојба на социјален феномен “- истакнува актерот Горан Стојаноски.

За време на месец септември ќе следи уште еден проект од Министерството за култура кој ќе се реализира од Народен театар Охрид, додека во летниот период установата ќе биде достапна за претставите од програмата на Охридско лето.