Skip to main content

Недостиг на паркинг места за пловни објекти во каналот „Студенчишта“

Проблемот со недоволно паркинг места за пловни објекти во каналот Студенчишта ги револтира Охридските кајчари. Директорката на ЈП „Билјанини извори“ вели дека ова само уште еднаш покажува колку на градот му е неопходна марина.

 |   | 
Дел од охридските кајчари останаа без паркинг место за своите пловни објекти. Речиси е невозможно да се добие паркинг место за нов пловен објект бидејќи нема доволно простор во каналот Студенчишта. Директорката на ЈП „ Билјанини извори“ кое стопанисува со јавниот градски паркинг, Гордана Јованоска вели дека ова е проблем кој не е нов, а за да се добие нов паркинг простор потребно е некој од старите закупци да се откаже за истото место да биде доделено на следниот на листата на чекање.
„Во последно време се соочуваме со недостиг на места исто како што беше и во предходната година и имаме голем број на револтирани луѓе кои што саакат да си ги паркираат своите пловни објекти на делот на кој што ние го стопанисуваме, но за жал поради немањето на простор тоа не можеме да им го дозволиме и истите тие се револтирани затоа што не можат да бидат рамноправни со некој друг што преходно си го зел да уживаат со нивните пловни објекти низ Охридското Езеро. За жал оваа година немаме такви кој што се откажаа туку имаме побарувачка за повеќе да закупат место и да дојдат да направат договор со јавното претпријатие.“ – вели Јованоска која додава дека сето ова докажува дека на Охрид му е неопходна марина.
 
„Сето ова докажува дека е неопходно во Охрид да се направи марина која што долги, долги години ја зборуваме и јас неколку пати во неколку наврати разговарам дека на Охрид му треба една културна, модерна направена марина во која што ќе се класифицираат сите пловни објекти според големината, киловат часовите на моќност на нивните мотори и според останати класификации кои ќе треба да ги задоволат заради загадување на Охридското езеро“– потенцираше директорката на ЈП „ Билјанини извори“ Гордана Јованоска.
Исполнетоста на капацитетот на Студенчишкиот канал е проблем со кој градот се соочува со години наназад, а се чини дека изградбата на марина и понатака останува само ветување во предизборните кампањи на политичките опции.