Skip to main content

Промовирана школата за едрење во Охрид

Денес беше промовирана школата за едрење во Охрид „Со едрилици до зелено Охридско езеро“.

 |   | 

„Со едрилици до зелено Охридско Езеро“ е концептот на едриличарската федерација на Македонија во кој спаѓа и едриличарската школа од Охрид која беше промовирана денес. Од едриличарската федерација перспективно членовите на оваа школа очекуваат поголеми успеси на државен и меѓународен план.

„Градењето на еколошката свест, градењето на љубовта и грижата кон езерото, како и градењето на спортски дух се започнува од најмали нозе “ – вели Будимир Соколовиќ од едриличарската федерација на Македонија.

Од едриличарскиот клуб „ Акватика Јахтинг “ велат дека интересот кај децата за школата е огромен.

„Интересот кај младите е огромен. Во овие пет дена се запишаа над 20 деца, очекуваме голем број на деца како што ќе почнат летните одмори и од другите градови, најмногу од Скопје околу уште 20-25 деца да ја посетуваат школата за едрење која ќе трае до 1-ви септември. Во меѓувреме ќе организираме неколку регати, критериски регати, државно првенство во соработка со едриличарска федерација на Македонија.“ – изјави Стефан Ставрев од едриличарскиот клуб „Акватика Јахтинг“.

Доколку епидемиолошката состојба со коронавирусот е стабилна, покрај на државно првенство планирано е учество и на „Балканијада“. Инаку, школата ја помогнаа двете друштва од „Сава групација“ – „Сава осигурување“ и „Сава пензиско друштво“ со донација која на клубот ќе му овозможи безбедно одвивање на тренинзите.

Препознавме во клубот „Акватика“ една можност двете друштва во Македонија да се вклучат во еден проект за помош којшто дефинитивно ќе има повеќекратно значење општо земено и за средината во која што се спроведува и за новите генерации се разбира, а најмногу за езерото кое го препознаваме како најголемо наше богатство.“ – истакна Мира Шекутковска-претседател на управен одбор на  „Сава пензиско друштво“.

Отпочнувањето со работа на школата за едрење беше одбележано и со мала работна акција за расчистување на просторот.