Skip to main content

Се зголемува синдикалната кошничка за месец мај за 180 денари

 Само за последните два месеци таа е зголемена за повеќе од 400,00 денари. Според Сојузот на Синдикати на Македонија зголемените трошоци се неоправдани имајќи во предвид дека цената на нафтата по која се водат газдите и која ја користат како оправдување за зголемување на цените е пониска од пред почетокот на пандемијата.

 |  Валентина Неловска  | 

Синдикалната кошничка за месец мај 2021 година е зголемена за 180,00 денари во однос на месец април 2021 година. Според Сојузот на Синдикати на Македонија, вредноста на синдикалната минимална кошница за мај 2021 година изнесува 34.156,00 денари. Само за последните два месеци таа е зголемена за повеќе од 400,00 денари, вели Стевчо Маслов, секретар на регионалната канцеларија на Сојузот на Синдикати на Македонија од Охрид.

Ако продолжи со вакво темпо на зголемување во просек од 200, 00 денари месечно до крајот на годинава нема да бидат доволни ни три минимални плати за покривање на основните потреби на едно четиричлено семејство“.

Според ССМ, зголемувањето на трошоците е неоправдано имајќи во предвид дека цената на нафтата на која се водат алчните газди и ја користат како оправдување за зголемување на цените во 2018 година изнесувала 63,50 денари во месец јуни, 60.00 денари во 2019 година, 50.00 денари во 2020 година, а овој месец е 60.50 денари, вели Маслов од охридската регионална канцеларија на ССМ.

„Значи дека во 2020 година во време на пандемија предизвикана од Ковид 19, морало да се донесе и Уредба со законска сила за определување на највисоките цени на одделни производи во трговијата на големо и трговијата на мало, заради енормното зголемување на цените на штета на граѓаните, а за профит на газдите“.

Маслов вели дека ова покажува дека неоправдано е да се зголемуваат цените, ако се знае дека цената на нафтата е пониска од пред почетокот на пандемијата имајќи предвид дека никој од газдите кога цената го имаше најниското ниво во изминатите 10 години не ги намали цените туку остваруваа огромни профити на грбот на работниците.