Skip to main content

Раскопани улици по интервенциите на Водовод, фирмата задолжена за санација доцни

ЈП „Водовод“ ја поправа водоводната мрежа во Охрид, но зад себе остава раскопани улици, се жалат охриѓани. Фирмата избрана на тендер за репарирање на улиците е од Мала Речица и доцни со извршување на работните задачи. Граѓаните се жалат, пријавуваат раскопани улици на повеќе локации во градот, а од ЈП Водовод велат доколку фирмата продолжи со несовесно извршување на работните обврски ќе и биде раскинат договорот.

 |   | 

Раскопани улици и  несоодветно  санирани дупки по охридските улици зјаат со месеци. ЈП „Водовод“ ја поправа водоводната мрежа, но зад себе остава неуредени улици, се жалат граѓаните. Во рамките на проектот „Ти си твојот град“ , што го спроведува ТВМ телевизија голем број граѓани ни испратија фотографии и се пожалија на несанирани  дупки на повеќе локации во градот.

Улицата „Богомилска“  една од локациите кои ни ги детектираа граѓаните. По зафатот на „Водовод“  овде зјаат две поголеми дупки на улицата,  кои претставуваат проблем за граѓаните.

Одговор побаравме од ЈП „Водовод“, кое  е задолжено после секој работен зафат улицата  да ја врати во првобитна состојба.  Директорот  појаснува дека задоцнетото поправање на улиците се должи на тоа што фирмата за таа намена  избрана на тендер, како најдобар понудувач, односно најниска цена  е од Мала Речица и не ги извршува навремено обрврските.

Моментално ние имаме фирма од Мала Речица која ги обавува тие работи за нас. Далечината на патот и непостојаноста на фирмата во околината на Охрид го носи тој проблем. Се надевам дека во иднина ќе бидеме поуспешни и дека побрзо ќе ги затвораме самите дефекти“, вели Светозар Стефановиќ директор на ЈП „Водовод“.

Доколку продолжи ваквиот однос на избраната фирма  ќе и биде раскинат договорот.

Имаат законски рок, тој им е даден од седум дена, но поради корона вирусот, Велигденските и Рамазанските празници беше период со поголеми проблеми“, додава Стефановиќ.

До пред изборот на фирмата од Мала Речица, улиците после зафатот на „Водовод“ ги санираше  ЈП „Нискоградба“, но поради многуте обврски на двете јавни претпријатија мораше да се избере надворешна фирма, појаснува Стефановиќ.

Новинар Соња Рилковска