Skip to main content

Државните инспекторати за животна средина да ја подобрат транспарентноста кон јавноста

Тие не овозможуваат доволно информации за нивната работа во пошироката јавност. Во некои инспекторати нема податоци за бројот на поднесени претставки од граѓаните и начинот на нивно решавање. Инспекциите за животна средина да го подобрат отчетот пред граѓаните, препорачуваат од Центарот за еколошка демократија Флорозон во соработка со Институтот за комуникациски студии како дел од кампањата „Разбистри сè“.

 |   | 

Направена е анализа врз транспаретноста и отчетноста на инспекторатите со надлежности во  животната средина. Центарот за еколошка демократија  Флорозон во соработка со Институтот за комуникациски студии како дел од кампањата „Разбистри сè“ анкетирале 4 инспекторати со надлежности врз животната средина и човековото здравје. Анализата  се однесува на Државниот инспекторат за животна средина, Државниот инспекторат за шумарство и ловство, Државниот инспекторат за земјоделство и Државниот инспекторат за техничка инспекција.

Генералниот заклучок е дека  Државните инспекторати го почитуваат само пропишаниот законски минимум за известување на јавноста. Тие не овозможуваат доволно информации за нивната работа и за претставките поднесени од граѓаните, информира Кирил Ристовски, претседател на Флорозон. При тоа, препорачува како да се подобри нивната транспарентност до пошироката јавност.

-Неопходно е да направат надоградба на капацитетите на претставниците на инспекциските служби кои се задолжени за подготовка на извештаите со оглед на тоа што нема унифициран преглед  на податоци кои ќе овозможат квалитативен и квантитативен преглед на извештаите. Не може да се добие прецизна и јасна слика што и како работеле, и кој е ефектот од работата на инспекторатите.-истакна Ристовски.
Инспекторатите не прават јавни презентации на полугодишните извештаи за остварените резултати на секои шест месеци. Според европското законодавство извештаите од инспекциските надзори треба да се одржуваат во лесно достапна база на податоци, да бидат јавно достапни во рок од два месеци по извршената инспекција и да се изготви регистар на правни субјекти кои треба да бидат контролирани.

Извештаите нотираат дека инспекторатите неделуваат проактивно. Потребно е да се усвојат механизми и мерки кои ќе овозможат јавна презентација во фаза на нивно креирање и усвојување на извештаите. Сегашниот начин овзоможува ограничен пристап до податоците како извештаите се достапни на веб страната на инспекторатот.-објаснува Ристовски.

Посебно внимание во извештаите треба да се стави на информации кои се однесуваат на претставките поднесени од граѓаните, преземените мерки по тие претставки и како биле решени. Во извештаите на некои инспекторати нема ниту податоци за бројот на поднесени претставки од граѓаните, па отсуствуваат и податоци за бројот на одбиени и процесуирани претставки и начинот на нивно решавање. Во однос на бројот на пријави поднесени од граѓаните, постои голем расчекор помеѓу инспекторатите. Така, во Државниот инспекторат за животна средина се бележат околу 300 пријави годишно, во Државниот инспекторат за земјоделство 54, во инспекторатот за техничка инспекција 23, а во Државниот инспекторат за шумарство и ловство евидентирани се само 4 пријави годишно.

 

Новинар : Валентина Неловска