Skip to main content

Заврши процесот на спојување на Охридска банка кон групацијата Шпаркасе

Менаџментот на банката информира дека по спојувањето, за вработените нема да има промени на деловен план. Ветуваат брза и флексибилна услуга за клиентите.

 |   | 

Заврши интеграцијата на Охридска банка кон групацијата Шпаркасе банка. Глигор Бишев, претседателот на Управниот одбор на „Шпаркасе Банка Македонија АД Скопје“, по спојувањето со Охридска банка кон групацијата Шпаркасе напоменува дека како банка подеднакво ќе ги третираат сите клиенти, градови и населени места, но Охрид има посебно значење бидејќи од тука се почетоците на Шпаркасе.

Бишев кажа дека нема да има отпуштање од работа на вработените.

 –За голем дел од вработените од Шпаркасе банка, по спојувањето со Охридска, од деловен аспект нема ништо да се промени. Главната филијала останува тука, ќе имаме оперативен центар кој ќе го опслужува целиот регион, а ќе  ја имаат поддршката од Скопје, групацијата Шпаркасе Грац и Ерсте банка. Сите клиенти ќе имаат поефикасно и подобро опслужување.-истакна Бишев.

Нина Неданоска, член на Управниот одбор на „Шпаркасе Банка Македонија АД Скопје“, истакна дека во Охрид и регионот се најзастапени, а со спојувањето со Шпаркасе стануваат помоќна банка.

-Клиентите очекуваат брзина, едноставност и флексибилност и сме подготовени да ги оствариме барањата и да ги надминеме очекувањата, затоа треба напорна работа. Но, ние не се плашиме, го имаме најдобриот тим, подготени се да излезат во пресрет на клиентите. Тие за сите нас се најважни“.-вели Неданоска.

Билјана Вранишкоска, регионална директорка на „Шпаркасе Банка Македонија АД Скопје“ за Југозпадниот регион, кажа дека остануваат посветени на Охрид каде што ќе понудат банкарски услуги преку мрежа од 3 експозитури и 9 банкомати.

-Југозападниот регион може да се пофали со значајно пазарно учество и опслужување на повеќе од 35.000 активни клиенти од сегментот население.-додава Вранишкоска.

Шпаракасе банка по припојувањето на Охридска банка има 140.000 клиенти кои ќе се опслужуваат во 35 експозитури. Банката достигнува 13,4 проценти пазарно учество од населението и е трето позиционирана на пазарот по тој сегмент. Во делот на корпоративните клиенти достигнува на пазарот учество од 15 проценти и е на втора позиција на пазарот.