Skip to main content

Одбележан јубилејот 100 години од раѓањето на Конески

Синоќа во Трпејца во рамките на десеттото издание на Културно – забавното лето „На зајдисонце“ со омаж беше одбележана 100 годишнината од раѓањето на големиот Блаже Конески.

 |   | 

Синоќа во Трпејца во рамките на десеттото издание на Културно – забавното лето „На зајдисонце“ со омаж беше одбележана 100 годишнината од раѓањето на големиот Блаже Конески.

Со избор од поезија од Конески и други светски автори настапија: актерката Марија Кондовска, младиот Симон Јаковлев – Писин и музичарот Лео Спасески – Охридски ( синтисајзер).

Поетската вечер под отвореното ѕвездено небо беше збогатена со видео презентација за животот и творештвото на Конески изработена од страна на Милчо Јованоски, вработен во НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид, а беше емитувано и негово кусо интервју со проф. д-р Вера Стојчевска – Антиќ во кое таа говореше за Конески како професор, колега и соработник.

Публиката со сите сетила синоќа уживаше во настанот барајќи и бис од актерите – рецитатори и од инструменталистот чии настапи беа следени со огромно внимание и долги аплаузи.

Присутните погледнаа и мал дел од делата создадени на Интернационалната ликовна колонија која овој  септември ќе го има четвртото издание а е во организација, исто на Здружението „За Трпејца со љубов“.

Вчера – претпладнето во рекреативниот дел се одржа десеттата традиционална кајакарска регата „Номче Митрески“ на која покрај кајакарите од локалниот клуб „Рибар“ годинава во трите трки учествуваа и кајакари од  Кајак- кану клубот „Стрмец“ од Охрид, раководен од Радован Попоски. Вчера на радост на најмладите се одржа  и Малиот пливачки маратон на кој покрај деца од Трпејца пливаа и деца од Охрид, но и гостинчиња од Србија и Хрватска. Двата настани годинава беа помогнати од Асоцијацијата СПОРТ ЗА СИТЕ.

Во саботата – вечерта  одличен настап имаа младите Мила и Билјана познати како дуо Black moon.Изведоа грст македонски и светски евергрини но и актуелни наши и странски музички нумери.

Во едукативниот дел трпејчани и гостите го проследија кусото обраќање на  д-р Мери Јосифовска од Институтот за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“  која фрли еден поглед на Трпејца од ономастички аспект. Таа потсети на некои веќе познати факти но и отиде подлабоко во ономастичка смисла говорејќи за генезата на името на селото и на одредени топоними во негова близина. Д-р Јосифова потсети дека за селото Трпејца постојат записи уште од 1500 година и тоа уште од тогаш е познато под истото име.

Денеска понеделник од 18.30 ќе започне тридневната ликовна работилница наменета за млади творци „Цртаме на зајдисонце“ а од 20.30 ќе следи настапот на групата „Броз“ од Охрид.

Утревечер од 20.30 часот доаѓа ансамблот „Билјана“ . Во среда – претпладнето е традиционалната прошетка по патеката Чоколско а десеттото издание „На зајдисонце“ честа да го затворат ќе ја имаат пејачката група и оркестарот при Фолклорниот ансамбл „Бисери“ од Охрид.

„На зајдисонце“ и годинава е под покровителство на Општина Охрид, помогнато и од делегацијата на ЕУ во Скопје, како и брони спонзори и донатори.