Skip to main content

Георгиески на прес конференција во врска со одлуката на Унеско

Позитивната одлука на Комитетот на светско природно и културно наследство на УНЕСКО со дополнителниот рок од две години дава нов мотив и енергија за општината да продолжи во спроведување на решенијата, истакна денеска на прес конференција, градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески. Локалната со поддршка на Владата и во соработка со надлежните институции ќе стави крај на долгогодишниот хаос, злоупотреби и узурпации на најатрактивната зона од заштитениот појас, додаде Георгиески. 

 |   | 

Комитетот на светско природно и културно наследство на УНЕСКО му даде на Охридскиот регион уште една шанса и дополнителен рок од две години за зачувување на Статусот на заштитено подрачје. Тоа се должи на досегашните испорачани резултати на општина Охрид во исполнување на препораките на УНЕСКО, истакна градоначалникот Константин Георгиески во неговото денешно обраќање на прес конференција.

Ова особено се однесува на сериозните и континуирани активности кои Општина Охрид ги презеде во делот на отстранување на бесправните градби, уредување на крајбрежјето и доследното почитување на одредбите од Планот за управување со светското природно и културно наследство. За мене како градоначалник на Општина Охрид, оваа позитивна одлука значи нова енергија и мотив да продолжиме уште посилно во спроведување на решенија и да вложиме максимални напори, за да покажеме дека знаеме да го чуваме и да грижиме за непроценливото богатство, кое го ни е оставено како аманет – потенцираше Георгиески.

Напомена дека остануваат посветени за да ги обезбедат условите и да ги реализираат мерките со кои ќе ги зачуваат вредностите на Охрид. Георгиески упати голема благодарност до Комитетот на УНЕСКО, за покажаната желба на објективен начин да ја согледа состојбата и да ја препознае нивната вистинска волја, капацитет и подготвеност да се соочат со наследените катастрофални состојби.

Уште еднаш сакам да потенцирам, оваа Локална власт со поддршката на Владата на Република Северна Македонија и во соработка со сите надлежни институции е цврсто одлучена да стави крај на долгогодишниот хаос, злоупотреби и узурпации на најатрактивната зона од заштитениот појас.  Сите нелегални градби кои претставуваат опасност за регионот и се во спротивност на режимите на заштита ќе бидат отстранети, согласно новите препораки на УНЕСКО, Планот за управување, законските процедури и нема да има никаква селективност во постапките. – додава Георгиески.

Охридскиот градоначалник им порача на еколошките организации, поединци и политички партии во иднина да покажат поголем степен на свесност и преку конкретни предлози и проекти да дадат поддршка на целокупниот процес на кој е посветена општина Охрид. Георгиески, исто така ја информира јавноста дека општината веќе спроведува анализа согласно Планот за управување со светското природно и културно наследство и законските процедури. Подготвува план за идно уредување на крајбрежјето и плажите, за кој ќе бидат консултирани граѓаните, сите туристички чинители и релевантни организации.