Skip to main content

Голем интерес за пливачките клубови од најмладите охриѓанчиња

Исто така, пливањето го сакаат и децата со атипичен развој. За прв пат, на градскиот отворен базен со нив се изведуваат прилагодени часови по  проектот „Пливаме во сино“ на иницијатива од пливачкиот клуб Акваспирит. 

 |   | 

Детскиот жагор и пливачките радости се вратија на градскиот базен „Атина Бојаџи“ на СРЦ Билјанини извори ова лето. По минатогодишниот прекин на тренинзите во двата базени заради пандемијата, годинава продoлжуваат часовите по пливање на отворениот градски базен. Децата тренираат во зависност од нивната возраст и совладаните пливачки техники.

Охридските пливачки клубови меѓу кои и  Акваспирит стануваат се попривлечни меѓу најмладите охриѓанчиња од година в година.

Можам да кажам дека годинава интересот е поголем. Опфатени се деца од 5 годинишна возраст па нагоре.  Имаме запишано над 200 дечиња поделени во групи, а термините ни се пребукирани – кажува Славчо Цветкоски, тренер од ПК Акваспирит.

За прв пат ова лето, во ПК „Акваспирит“ покрај редовните часови се одржуваат и часови за пливање наменети за децата со атипичен развој. Со проектот „Пливаме во сино“ има специјлано прилагодени часови по пливање и за 8 дечиња. Проектот доби поддршка од Општина Охрид, а се изведува во соработка со здружението „Во мојот свет“, информира тренерот по пливање Миле Јованоски од ПК Акваспирит. 

Ние работиме со редовната школа и дојдовме до заклучок дека дечињата со атипичен развој за жал ја немаат таа привилегија да бидат дел од програмата на редовните школи. Како наш мал придонес, ние правиме чекор напред со надеж дека во иднина ќе имаме услови и ќе се создадат рамноправни услови за сите деца да го користат бенефитот од пливањето – вели Јованоски.

Рекреативното пливање е потребно за секој особено за децата.Оваа спортска дисциплина влијае на психомоторниот развој и децата учат да ги конторлираат движењата. Се развива целата мускулатура и влијае релаксирачки врз децата, ги појаснува ефектите од пливањето кај децата со атипичен развој, дефектологот Ангела Чингоска од здружението „Во мојот свет“.

Можеме да го моделираме целиот психомоторен развој и детото да има бенефит од повеќе аспекти. Пливањето делува смирувачки се контолира однесувањето.Сега сме во ера кога таблетите и телефоните го окупираат вниманието на децата, а со спортот  ги одвлеуваме од тоа. Им овозможуваме да бидат во природна средина и да пливаат со професионалци, да ги научат техниките на пливање и да уживаат во водата – додава Чингоска.

Дефектологот Чингоска напоменува дека родителите на децата со атипичен развој бараат да се создадат услови и да продолжи проектот „Пливаме во сино“. Децата сакаат вода и спортот влијае благопријатно врз нивното здравје. Тие имаат право на пливање преку целата година, тоа да биде во редовен наставен процес, а не наставата да се изведува само по одобрени проекти.