Skip to main content

Зголемен број повици до Охридската брза помош

Има и поголем број на пациенти кои бараат помош од стомачен вирус. Лекарите од брза помош деновиве интервенираат и на поголем број колапси како резултат на високите летни температури кои ја зафатија земјава. 

 |   | 

Се поголем број на граѓани и туристи вртат на повикувачкиот број на охридската Итна брза помош. Во пораст е и посетеноста на амбулантата па лекарите од оваа служба имаат полни раце работа како и секое лето, информира д-р Љупка Николоска, раководителка на ИМП.

Д-р Николоска напоменува дека е зголемен бројот на пациенти кои доаѓаат со стомачен вирус и кои бараат помош за лекување.

Има зголемена фебрилна состојба, но не знаеме од што е предизвикана додека не се направат испитувања дали се должи на летниот вирус или на друга патологија. Мора да интервенираме насекаде каде што ќе не побараат и секој кој ќе дојде овде. Сепак сите треба да ги почитуваме препорачаните мерки и да не се олабававиме, а сме опуштени – вели Николоска.

Лекарите од итна се почесто интервенираат и на повици од граѓани кои колабираат. Губат свест и помладите и повозрасните луѓе заради топлотниот бран од портокалова фаза кој ја зафати земјава деновиве. При тоа порачуваат граѓаните да се придржуваат на препораките за да избегнат топлотен удар.

Граѓаните да внимаваат кога ќе е жешко времето, во периодот  од 11 до 17 часот, да не излегуваат безпотребно и да се изложени на сончева светлина и топлина. Да ги земаат содветните терапии, да внимаваат што јадат и пијат во овој период. Да конзумираат помалку алкохол и да носат капа и полесна светла облека – додава Николоска.

Градот е исполнет со туристи од странство и од земјава, луѓето се опуштаат и конзумираат прекумерно алкохолни пијалоци. Лекарите често интервенираат на повици за помош на алкохолизирани млади лица. Напоменуваат дека е потребна зголемена внимателност од страна на граѓаните кои летуваат на охридското крајбрежје и на охриѓани како се однесуваат на плажа, на планина и во сообраќајот да бидат одговорни за сопственото  здравје, но и за другите луѓе.