Skip to main content

Италијанска вечер на Охридско лето

Тенорот Алесандро Фантони и пијанистот Џорџо Мартано гостуваат на фестивалот Охридско лето. Тие ќе настапат со лирски репертоар од традиционални италијански арии. За нив е голема чест што се дел од Италијанска вечер која се одржува традиционално на фестивалскиот репертоар на Охридско лето.

 |   | 

Со познати италијански арии и традиционални песни од Неапол гостуваат тенорот Алесандро Фантони и пијанистот Џорџо Мартано на Фестивалот Охридско лето. Тие се дел од традиционалната Италијанска вечер која се одржува во рамките на Фестивалската програма во Св. Софија. За првпат се во Охрид и Македонија. Оперскиот пејач Фантони е воодушевен од акустичноста на катедралната црква Св Софија. Многу убаво место и среќен сум што ќе пеам тука, вели Фантони.

Ќе исполнам различни оперски арии. Сличен репертоар како на Павароти, со различни арии, Риголето, Кавалерија Рустикана. Сакам да пеам и нови арии како Ромео и Јулија, традиционални песни од Неапол – додава познатиот тенор.

Голема чест е да се биде тука и да се свират традиционални арии од лирскиот репертоар на Италијанската вечер, споделува пијанистот и корепетитор Џорџо Мартано.

Ние избравме програма за концертот и за публиката во која се надевам сите ќе уживаат. Некои песни од народната музика во Италија од Неапол, традиционални песни, камерни арии од различни автори – вели Мартано.

Алесандро Фантони роден е во Џенова, студирал на Академијата за опера во Цирих, Швајцарија. Неговите улоги вклучуваат повеќе тенорски ликови од „железниот“ репертоар кои ги изведува под диригентските палки на Фабио Луизи, Нело Санти, Марко Армилато. Поддржуван е од Фондацијата која го носи името на Лучиано Павароти.

Џорџо Мартано е пијанист и чембалист. Студира и дипломира во Италија, а за време на студиите се стекнува со искуство како корепетитор на соло пејачи со особен афинитет кон лирскиот репертоар. Како репетитор се здобива со диплома од Академијата на Миланската скала.