Skip to main content

Томас Вајц : Треба да се направи се за да се зачува статусот на Унеско

Да се има заштитата на Унеско како светско природно и културно наследство е вистински престиж. Токму затоа Охрид треба да направи се за да го зачува статусот на Унеско, вели копретседателот на Европските зелени Томас Вајц. Мора да се изнајде начин за одржлив развој на туризмот во склад со еколошките препораки и зачувување на вредното културно и природно наследство. Првенствено мора да се расчисти во однос на дивоградбите.

 |   | 
Охрид градба езеро

Неконтролираната градба и пребрзиот туристички развој се главните причини за проблемите на Охридскиот регион. Да се има заштитата на Унеско како светско природно и културно наследство е вистински престиж, што секој регион би го посакал. Не само за развојот на туризмот, туку и за целосниот напредок на регионот. Токму затоа Охрид треба да направи се за да го зачува статусот на Унеско, вели ко – претседателот на Европските зелени.

Надлежните во комуникација со Унеско, мора да ги преземат сите потребни мерки и активности во поглед на дивоградбите и загадувањето. Мора да се изнајде компромис, но Охрид мора да остане под заштита на Унеско, рече европратеникот Томас Вајтц при неговата посета на Охрид.

Првенствено мора да се расчисти во однос на дивоградбите. Треба илегалното градење конечно да сопре. Знам дека звучи грубо, но мора дел од дивоградбите и да се отстранат. Може да се види во некои региони кои што биле многу убави поради пребрзиот туристички развој и неконтролираната градба имаат изгубено од својата убавина, а со тоа ќе ги изгубат и бројните гости. Ако исчезне погледот кон езерото или зајдисонцето тоа место веќе нема да е толку привлечно – вели Томас Вајц ко- претседател на Европските зелени и европратеник.

Мора да се изнајде начин за одржлив развој на туризмот во склад со еколошките препораки и зачувување на вредното културно и природно  наследство. Потребен е балансиран пристап на природата и богатото наследство со урбанистичкиот напредок.  

Од ковид пандемијата сите научивме дека е време за нов туристички правец, каде чистата еколошка природа е приоритет. Овде може да се направи прекрасна понуда за привлекување на такви туристи кои се високоплатени и може да потрошат многу пари. Сите тие нови хотели кои се потребни да се градат во овој регион може да бидат хотели со зелени ѕвезди базирани на зелените стандарди, а угостителите да подготвуваат храна со локални продукти.  Современиот туризам токму ова го цени, ова е новиот светски правец – додава Вајц.

Клучно е да се зачува еко системот на најстарото езеро во Европа. Мора да запре влевањето на фекалии и отпадни води, порача Вајц. Охрид во јули годинава доби нов рок од две години за исполнување на препораките на Унеско и покрај тоа што екологистите очекуваа, регионот не беше ставен на листата светско наследство во опасност.

 

 

Новинар Соња Рилковска