Skip to main content

(ОБНОВЕНО) Одложена Јавната расправа за Студенчишко блато

Граѓаните на Охрид кои со физичко присуство во општинската зграда требаше да ја следат онлајн расправата ја напуштија салата. Градоначалникот Георгиески од претставниците од минситерството за животна средина и просторно планирање и стручните лица кои онлајн беа вклучени, побара можност да поразговара со засегнатите граѓани и да направи напор да се презакаже јавната расправа.

 |   | 

Постапката за прогласување на Студенчишко Блато за парк на природата, која ја започна Министерството за животна средина и просторно планирање врз основа на иницијативата од Општинa Охрид и Студијата за негова валоризација изработена во 2020 год наиде на пречка. Јавната расправа по Нацрт законот за прогласување која денеска беше предвидено да се одвива како комбинација на онлајн и со вклучување на локалното население присутно во големата сала на општината започна со проблеми во комуникацијата и по кратко време беше прекината.

Во салата владееше бурна атмосфера која модераторот на расправата бараше да се смири за да може расправата да се одвива според предвидениот дневен ред. Еден од присутните граѓани во општинската сала побара да изнесе процедурална забелешка дека форматот во кој се одвива расправата не им одговара на засегнатите страни кои имаат имоти на локалитетот кој е предмет на нацрт законот. Побара јавната расправа да биде осложена и претставниците на МЖСПП и стручните лица да дојдат во Охрид и лично да им ги објаснат нацрт законот, студијата и постапката за прогласување на блатото за Парк на природата и да ги сослушаат забелешките на граѓаните. Обвинија дека на ваков начин преку онлајн расправа се обидувале да протнат нешто на мала врата.

Откако модераторот посочи дека расправата била уредно најавена продолжи по дневниот ред. Но за време на онлајн обраќањето  на директорот на Управата за животна средина  охриѓани ја напуштија салата. Градоначалникот Константин Георгиески кој следен требаше да се обрати побара расправата да биде одложена.

Јас како градоначалник и ние како општина Охрид го поддржуваме носењето на нацрт законот и заштитата на Студенчишко блато меѓутоа како градоначалник мора да ги соберам луѓето деновиве, да поразговарам и да ги вклучиме во јавната расправа затоа што ако ние сега продолжиме да расправаме мислам дека не е полезно и може да е контрапродуктивно – кажа Георгиески.

Георгиески додаде дека ќе направи напор да се договори со засегнатите граѓани да се презакаже јавната расправа по можност до крајот на неделата. Барањето на Георгиески го поддржа директорот на Управата за животна средина при МЖСПП, Хисен Џемаили.

Ја поддржувам идеја на градоначалникот затоа што без поддршка од засегнатите страни, од граѓаните, не верувам дека ќе можеме да го прогласиме блатото. Затоа е добро градоначалникот да им објасни на луѓето и да се презакаже јавната расправа – рече Џемаили.

И експертите кои требаше на расправата да објаснат за вредностите на блатото, зоните на заштита, што ќе значи негово прогласување за Парк на природата и кои се придобивките, изразија спремност тоа да го изнесат во било кој термин за кој ќе се договорат локалните власти со граѓаните.

Како раководител на тимот којшто ја подготвуваше студијата и којшто еден подолг период од 10 год се труди да направи чекор кон заштитата на блатото, ние сме подготвени во секое време повторно да бидеме дел од идна јавна расправа на која суетите на одредени поединци или на јавноста ќе бидат потсмирени за јасно и гласно да слушнат што имаат да кажат експертите и од правниот сектор од министерството за животна средина. Многу е важно да не слушнат и разберат затоа што заштитата на блатото како крајна цел е во нивна корист – истакна Менка Спировска – Раководител на експерски тим изготвувач на студијата.

За новиот термин на јавната расправа јавноста дополнително и навремено ќе биде информирана. Нацрт на Закон за прогласување на Студенчишко Блато за парк на природата е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи во Македонија и на веб страната на Министерство за животна средина и просторно планирање. Во моментов Студенчишко блато е под режим на привремена заштита и ништо не може да биде преземено или изменето на тој предел.