Skip to main content

(ОБНОВЕНО) ВЕЖБА НА НАТО ЗА СПРАВУВАЊЕ СО КРИЗИ ВО ОХРИД И СТРУГА

Тестирање на капацитетите и ресурсите на системот за управување со кризи во услови на катастрофален земјотрес со последици врз критичната инфраструктура и оперативноста на Следната генерација Команден систем за инциденти се целите на цивилната НАТО вежба „СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА 2021“. Станува збор за вежбовна активност од големи размери, со повеќе од 700 учесници од 28 земји која од 20ти септември во следните 4 дена ќе се реализира на територија на Охрид и Струга. Вежбата е во организација на Евроатлантскиот Центар за координација на одговор при катастрофи, а домаќин е Центарот за управување со кризи.

 |   | 

Силен земјотрес со епицентар во Охридско Езеро, предизвикува серија критични настани како оштетување на електричната и водната инфраструктура, можна контаминација на водата за пиење, истекување хемикалии и пожари во фабрика лоцирана помеѓу Охрид и Струга, оштетувања на мост, уривање на извиднички авион во планински терен, ширење паника кај населението со лажни вести и шверцерски групи кои ја злоупотребуваат целата ситуација. Ова е сценариото по кое од 20 до 24 Септември на територијата на Охрид и Струга ќе се одржи меѓународната вежба „СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА 2021“, досега најголема и најзначајна цивилна НАТО вежба во државава.

Вежбата е во организација на Евроатлантскиот Центар за координација на одговор при катастрофи, а домаќин е Центарот за управување со кризи. Агендата на НАТО 2023 се однесува на делот на цивилна подготвеност на земјите-членки на Алијансата и за Македонија како 30та членка организацијата на оваа вежба претставува голем предизвик и тест, вели Др. Урим Вејсели, оговорен за меѓународна соработка во ЦУК.

На вежбата ќе се тестираат комплетно капацитетите и ресурсите на системот за управување со кризи во кризна состојба. Вториот сегмент, можеби поважен е тестирање на системот NICSили Следната генерација Команден систем за инциденти. Командниот центар или луѓето што донесуваат одлуки да можат да ги видат сите расположливи капацитети на терен во реално време. Третиот сегмент е тоа што во случај на катастрофи земјите членки имаат потпишано договор во случај на кризи луѓето, тимовите коишто доаѓаат да имаат брз премин на царина. Кога државата ќе одлучи да побара помош, кога сите домашни капацитети се исцрпени, помошта да стигне на време. – истакна на денешната прес конференција Др. Урим Вејсели, Директор на вежбата.

За да се реализираат овие три цели во услови на пандемијата од „Ковид 19“ со околу 700 учесници од 27 земји, вежбата е од хибриден тип односно ќе се одвива теренски и командно штабно. Вежбовните активности опфаќаат урбани операции за пребарување и спасување, планинска потрага и спасување, одговор на поплави, одговор на хемиски, биолошки или радиолошки инциденти и кампањи за лажни вести кои ќе влијаат на цивилното население и критичната инфраструктура во областа околу градовите Охрид и Струга, појасни главниот координатор на вежбата од НАТО, Вин Ванхам.

Северна Македонија 2021 не е воена вежба. Осигурувањето на безбедноста не се врши само со воени средства. Мисијата на НАТО е заштита на 30 земји членки со речиси милијарда луѓе во време на конфликти и кризи вклучувајќи природни катастрофи. Ваквата вежба ни дава можност за тестирање на цивилната подготвеност на општеството и да дејствуваме заедно при природни катастрофи. Истотака вежбата дава можност за унапредување на регионалната соработка помеѓу експерти од разни земји. За Северна Македонија која ја планираше вежбата додека беше НАТО партнер, а сега е домаќин како сојузник, го симболизира успешниот пат од партнер во земја членка на Алијансата – посочи Ванхам, Заменик директор NATO – EADRCC.

Во склоп на вежбата ќе биде организиран научен ВИП симпозиум во траење од два дена, каде ќе се одвива дискусија на две теми „Армијата како специјализиран и скап ресурс кој треба да се ангажира последен во случај на криза“ и „Ковид 19 – научени лекции“.

Целиот настан почнувајќи од 20ти септември ќе биде пренесуван во живо на youtube каналот на НАТО, а истиот линковски ќе биде поставен на официјалната фејсбук страна на Центарот за управување со кризи.