Skip to main content

Граѓаните дадоа најниска оценка за урбанизмот во општина Охрид

Граѓаните состојбата на полето на урбанизмот ја оценуваат со најниска оценка. Дури 52% од граѓаните кои ги пополниле анкетните прашалници дадоа единица, петка ниту еден. Дури 84% од граѓаните сметаат дека се узурпира државно земјиште. Ова се дел од резултатите на анкетата која ја спроведе ТВМ телевизија во рамките на рубриката „Ти си Твојот град“.

 |   | 
Охрид градба езеро

Голем број граѓани одговорија на анкетата за состојбата со урбанизмот во охридско-струшкиот регион која ТВМ ја објави во рамки на рубриката „Ти си твојот град“.

96% од пристигнатите одговори се од охриѓани, 4% од стружани, а жителите на Вевчани и Дебрца изгледа не се соочуваат со проблеми од сферата на урбанизмот. Најголемиот дел граѓаните кои одговорија на анкетата припаѓаат на старосната група од 31-45 (48%), потоа од 46-60 години  (40%), а најмал дел односно 12 % имаат од 18-30 години.

Нашата анализа покажува дека мажите се позасегнати за прашањата од урбанистичката сфера. Дури 76% мажи одговориле на анкетата, а само 24% жени.

На прашањето како ја оценувате состојбата на полето на урбанизмот во вашата општина со оценка од 1 до 5, дури 52% од граѓаните дале најниска оцена односно 1, 16% дале оцена 2, 28% од граѓаните дале средна оцена 3, 4-ка дале само 4%, а ниту еден од анкетираните не дал највисока оцена 5.

84% од граѓаните сметаат дека има градби спротивни на законските прописи, 8 % сметаат дека нема и исто толку граѓани се изјаснија дека не знаат.

84% од граѓаните тврдат дека се узурпира државно земјиште (тротоари, улици, неизградено земјиште), само 4 % го тврдат спротивното.

На прашањето колку власта (локална и централна) се залага за доследно спроведување на законите од сферата на урбанизмот, дури 44% од граѓаните мислат дека власта е под влијание на бизнис моќници, 40% одговорија дека власта се води од сопствен и политички интерес, а само 16% сметаат дека се почитува законот, но има пропусти.

Во однос на прашањето дали има корупција при издавање на градежни дозволи: 96% од граѓаните одговориле со ДА, а само 4% дале негативен одговор.

Како најкритични точки на полето на урбанизмот во нашиот регион, граѓаните ги посочуваат: брегот на Охридско Езеро, централното градско подрачје, Трпејца, Велестово, Љубаништа, руралните средини и приградските населби, стариот дел на Охрид-Варош, Кеј Македонија, Кошишта, Воска, Рача.

40% од граѓаните сметаат дека нема доволно зелени површини и паркови, 44% велат има, но не доволно, а 16 % сметаат дека има доволно зеленило во нашите општини.

На прашањето како непочитувањето на урбанистичките планови влијае на квалитетот на животот во вашата општина, најголем број од граѓаните се пожалија на ограничено/оневозможено движење на пешаци и возила, потоа попречен видик, недоволно проток на воздух, дека нема доволно слободен простор за прошетка/рекреација и премногу збиени станбени објекти.

Граѓаните дадоа и свои предлози и сугестии за надминување на урбанистичките проблеми со кои се соочуваат. Во продолжение ви пренесуваме дел од нив:

-да се рушат дивоизградените огради кои го попречуваат движењето на пешаците;

– да се смени корумпираниот кадар од општина Охрид, посебно во секторот урбанизам;

-при носењето на урбанистичките планови да се води сметка за пристапните патишта;

– да се почитуваат законите од урбанистичката сфера и поголема ажурност на инспекциите;

– планско градење, поголем надзор од експерти, сузбивање на урбанистичката мафија;

– секој да работи професионално во својата област;                  

– кога ќе има јавно излагање на план да се известат сите засегнати страни и да се ангажирараат странски консултанти со целосни овластувања;      

-реорганизација на службата за спроведување на урбанистичките планови и просторно планирање при Општина Охрид и целосна дигитализација на постапките со што би се овозможила целосна прозрачност и би се намалила можноста за уцена и корупција при одлучување за одредени предмети. Да се отвори подрачно одделение на Министерсвото за транспорт и врски за упростување и забрзување на постапките за издавање на одобрение за градба бидејќи 1/4 од градската територија е под ингеренции на министерсвото;

-урбанистичите планови за атрактивните делови на градот и подрачјето да се донесуваат преку распишан конкурс за урбанистичко и архитектонско проектирање;                       

Голем дел од граѓаните ни испратија конкретни примери и проблеми од урбанистичката сфера кои тимот на ТВМ ќе ги обработува во своите информативни изданија. Но, само 28% од граѓаните кои ја пополниле анкетата се охрабрија да ги остават своите податоци за да можеме да ги контактираме доколку сакаме подетално да го истражиме нивниот проблем од сферата на урбанизмот, а останатите 72% сеуште не сакаат јавно да говорат и сакаат да останат анонимни.

 

Можеби за некоја друга тема, на некој од нашите наредни прашалници, поголем процент од граѓаните ќе имаат храброст јавно да го споделат својот проблем, па заедно да се обидеме да најдеме решение.

 

 

Новинар-Соња Рилковска