Skip to main content

Јованоски: Планирање културни и забавни активности во шпицот на летната сезона

Систем на планирање на културни и забавни активности во шпицот на летната сезона за да се намалат проблемите со бучавата и метежот, најави носителот на листа на Коалицијата „Најдоброто за мојата општина“, Науме Јованоски Чакар. Чакар од изборната програма посочи поддршка за туристичкиот сектор, унифицирање и контрола на такси и езерскиот превоз.

 |   | 

Во насока на поддршка на туристичкиот сектор и сите сегменти кои се поврзани со него и со цел да се помогне во надминување на штетите од ковид кризата, ќе продолжиме со доделување на субвенции за станоиздавачите, туристичките водичи, езерскиот превоз, занаетчиите и останатите туристички чинители, кажа носителот на листа на Коалицијата „Најдоброто за мојата општина“, Науме Јованоски Чакар. Тој најави мерки за  намалување на метежот и бучавоста во сезона.

Воведуваме систем на планирање на културни и забавни активности во шпицот на летната сезона со цел да се обезбеди контролирано организирање на големи манифестации и концерти. Подготвуваме календар за настани, со кој ќе се овозможи планирање на содржините и бројот на настани кои ќе може да се организираат во еден ден или викенд – изјави Јованоски.

Чакар од изборната програма посочи мерки за подобрување на туристичката инфраструктура, поголема промоција на Охрид и зголемување на понудата со алтернативните форми на туризам.

Работиме на зголемување на редовните авиолинии кон охридскиот аеродром и ќе продолжиме да организираме и поддржуваме настани за збогатување на содржините вон главната сезона. 

Предвидуваме унифицирање и поголема контрола на јавниот, такси презоз и езерскиот транспорт. Во соработка со превозниците, такси компаниите и сопствениците на пловни објекти кои вршат превоз на патници, ќе работиме на подобрување на условите со цел да се подобрат услугите кои ги добиваат патниците – кажа Јованоски

Нашето мото е туризам 365 дена и тоа не се само празни зборови. Имаме визија и план како да го реализираме тоа, порача Науме Јованоски.